Скопје/Охрид, 3. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Не може да дозволиме дивоградби кој каде сака во Охрид, или дивоградби на Матка, не може да нема одговорност и отчетност за важните проблеми, истакна лидерот на СДСМ Зоран Заев на денешната прес конференцеија на која додаде дека се надева дека заедно со партиите од коалицијата на предвремените парламентарни избори ќе победат со повеќе од 61 пратеник.
– Опциите на изборот треба да бидат согласно вредности и принципи. Граѓаните очекуваат партиите да се менуваат, да се подобруваат. Затоа многу чесно зборувам за работи кои се проблематични во општеството. Како што ни замерувале нам и ние сме се труделе и сме се промениле, сме давале одговори и сме правеле се да ги корегираме работите, тоа го очекуваме од партнерите во коалицијата и од идни коалиции кои би ги направиле, рече Заев.
Токму дивоградбите и (не)справувањето со нив се едни од најголемите забелешки на охриѓани, но и УНЕСКО на Владата предводена од СДСМ, од чии редови е и актуелниот градоначалник на Охрид, д-р Константин Георгиески. Иако ги има многу, во јавноста најмногу се спомнуваше дивоградбата до охридскиот Чинар на советникот од ДУИ Нефи Усеини, за која токму Зоран Заев, тогаш од позиција на премиер, во јули минатата година истакна дека ќе се урива, и по цена на нивната коалиција со ДУИ. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива