Скопје/Охрид, 4. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Патниците кои од денес ќе доаѓаат во земјава со авионите на „Визер“ од Милано и Тревизо на аеродромите во Охрид и Скопје ќе пополнуваат здравствена локатор карта, најави министерот за здравство Венко Филипче.
Патниците ќе ги пополнуваат прашалниците во авионите, и тоа е, како што рече Филипче, стандарна процедура при вакви ситуации како што е Корона вирусот, а авиокомпанијата ја одобрила мерката.
– Бројката на заразени во Европа е 3.365 пациенти, а нови земји се Андора, Латвија и Португалија. Согласно со тоа дека има новозаболени низ Европа, а особено во северна Италија, се одлучивме на овој чекор. Патниците ќе остават податоци со адреса и доколку во некој период се јави патник со симптоми на Корона вирус, ќе биде лесно да ги најдеме сопатниците кои седеле неколку реда пред и зад неговото седиште, што е според протоколот, кажа Филипче. (Крај)
извор: СДК фото: архива