Скопје, 4. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Се обврзуваме на обнова која ќе опфати изградба на нови театри во Охрид, Скопје и Прилеп. Конечно Прилеп и Охрид ќе добијат комплетно нови театарски згради, а Скопје уште една нова современа зграда за театар.
Ова го изјави денес лицерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на прес конференцијата во седиштето на партијата.
Тој истакна и дека се обврзува на обнова која ќе опфати изградба на нови 20 и реконструкција на најмалку 50 училишта во Република Македонија.
– Повеќе училишта за подобри услови и поквалитетно образование. Новите 20 училишта и реконструкцијата на минимум 50 постојни ширум државата ќе значи пристојни услови за работа и инвестирање во идните генерации. Голем дел од постојните училишта функционираат во супстандардни услови и тоа мора најскоро да се промени веднаш по формирањето на новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ. Се обврзуваме на обнова која ќе донесе поголеми примања за Универзитескиот наставен кадар. И тоа воспоставување на методологија со која ќе обезбеди и ќе ги зголеми примањата на наставно образовниот кадар на универзитетите. И тоа до 100.000 денари за редовните универзитетски професори, до 80.000 денари за вонредните професори, до 60.000 денари за доцентите и до 45 илјади плата за асисистентите на факултетите. Ова значи 2.5 пати повеќе од тоа што денеска го обезбедува државата. Ќе повторам, ќе дефинираме методологија според која редовните професори на универзитетите ќе имаат можност да дојдат до месечни примања од 100.000 денари загарантирани од државата. Вонредните 80.000, доцентите 60.000 и асистентите 45.000 денари. Квалитетното високо образование подразбира инвестирање во подобри услови за работа, средства и други лабораториски ресурси, но и мотивиран кадар. Токму со оваа мерка ќе се стимулира квалитетот и мотивацијата на универзитетскиот наставен кадар. Да не ни се случува асистенти и доценти од универзитетите да напуштаат наставно образовен процес и да бараат подобра иднина поради тоа што примањата се 20-25.000 или нешто помалку од тоа, истакна Мицкоски.
Тој најави и поголеми плати за професорите во основното и средното образование. Тоа подразбира доследно почитување на Колективниот договор.
– Доследно почитување на Колективниот договор и повисоки плати на наставно образовниот кадар во основното и средното образование. Се обврзуваме на обнова која ќе опфати средно стручно образование во функција на стопанството, односно дуално средно образование. Ќе пристапиме кон проширување на дуалниот систем на стручното образование по принципот учење преку работа на реално работно место, кој ќе развие и стручни компетенции и вештини за адаптирање во работниот однос. Ваквата реформа ќе овозможи брзо вработување на стручниот кадар во компаниите во Македонија, со соодветно вреднување на трудот на работниците и се разбира ќе го намали иселувањето на млади луѓе од наша земја, напомена првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива