Скопје, 9. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Да не се патува воопшто во Северна Италија заради сериозноста со коронавирусот и да се избегнуваат патувања и во останатите делови на таа држава, а при влез на граничните премини да се кажуваат точни податоци, препорачуваат од Министерството за надворешни работи.
Лицата кои се вратиле од странство ако се развијат симптоми да не одат на матичен лекар туку да се обратат кај епидемиолозите, а сите да ги почитуваат препораките за одржување лична хигиена.
Покрај овие последни препораки од домашните институции, од Министерството за здравство денеска ќе информираат за евентуални нови мерки за превенција и заштита од натамошно ширење на коронавирусот по состанокот што треба да го одржи Комисијата за заразни болести и Комитетот за следење и информирање за состојбата со Ковид 19, а согласно новата состојба и мерките што ги презеде италијанската Влада со оглед на сериозноста со ширењето на заразата.
Со вкупен број заразени лица кој се зголеми на 7.375, Италија стана втора земја во светот по бројот на починати и заразени од вирусот. Вкупно починаа 366 лица.
Со оглед на таквата состојба, Министерството за надворешни работи синоќа упати препорака да не се патува во регионите и провинциите: Ломбардија, Модена, Парма, Пјаченца, Реџио Емилија, Римини, Пезаро, Урбино, Алесандрија, Асти, Новара, Вербано Кусио Осола, Верчели, Падова, Тревизо и Венеција. На нашите граѓани кои веќе се во Италија, МНР им препорача зголемени мерки на претпазливост во секое време, да ги следат локалните медиуми и упатствата на локалните власти.
Генералниот конзулат на нашата држава во Венеција во следниов период нема да работи со странки, освен во итни и неодложни ситуации, а го одложи фотографирање на нашите граѓани за нови патни исправи.
Поради затворањето на северниот дел на Италија и со цел да се спречи ширењето на коронавирусот авиокомпанијата Визер од вчера ги суспендираше летовите од Скопје и Охрид за Милано, Тревизо и Бергамо. Тие рути нема да ги опслужува до 3 април. Патниците кои направиле резервација во овој период ќе бидат автоматски известени и ќе бидат сместени на алтернативни рути во најрано можно време.
Според последните информации од Министерството за здравство, стабилна е здравствената состојба на тројцата наши државјани заразени со коронавирус, по престој во Италија. Двајцата сопружници од Ценатр Жупа заболени од коронавирусот кои се хоспитализирани од петокот на Клиниката за инфективни болести во Скопје и фебрилни состојби се со стабилна здравствена состојба, исто како и првата заболена пацинетка кај која последниот контролен тест беше негативен, но во текот на денов ќе и биде направен уште еден за да се потврди резулатот.
Поради контакти со заразените сопружници во домашна изолација и под здравствен надзор во земјава засега се наоѓаат околу 40-тина лица. Утре истекува периодот на изолација на сите сопатници кои на 26 февруари пристигнаа со првата заболена пациентка. Тоа е практично 14-тиот ден на кој ќе биде направена темелна евалуација од страна на епидемиолозите, а по што ќе биде прекината или продолжена изолацијата соодветно на секој поединечен случај.
Здравствените власти апелираат сите да кажуваат точни податоци на граничните премини, со оглед дека веќе има жаришта не само во Северна Италија и расте бројот на заразени во цела Европа,Германија, Шпанија, Франција… Патниците кои се вратиле од странство ако имаат одредени симптоми да не се јавуваат на матичен лекар, туку кај епидемиолозите. Остануваат препораките за спроведување лична хигиена.
Како резултат на зголемениот број на заразени со Ковид 19 во Европа, Владата минатата недела ја продолжи препораката за неодржување јавни собири и за спортски натпревари без публика и таа е во сила до 13 март.
Како што соопшти викендот ресорниот министер Венко Филипче, целосно е подготвен и објектот за изолација во Демир Капија, како дополнителен капацитет на инфективните одделенија во Штип, Велес и во Гостивар. (Крај)
извор: МИА фото: архива