Скопје, 13. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Владата на Република Македонија на денешната седница донесе одлука за воведување кризна состојба во општините Дебар и Центар Жупа, соопшти министерот за здравство д-р Венко Филипче, на заедничката прес конференција со министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.
Министерот Филипче информираше дека пациентите кои се позитивни на корона вирус се стабилни, освен првата пациентка од Дебар, која беше примена со нејзиниот сопруг. Таа има дополнителни влошувања на состојбата и на граница е за да биде поставена на механичка вентилација. Специјалистите се надеваат дека со цела дополнителна терапија ќе го надмине овој период, но подготвени се и доколку има дополнително влошување, согласно параметрите и сатурацијата на кислород, да биде поставена на машина за дишење.
– Утрово, со соопштение информиравме за вчера тестираните лица за кои беше поставена индикација во текот на попладнето – сите се негативни. Денеска дојдоа за тестирање материјали од Центарот за јавно здравје од Дебар, за уште 10 лица во врска со втората група хоспитализирани пациенти од вкупно 24, сите во домашна изолација. Од нив 10 покажале знаци за горно респираторно заболување. Локалниот епидемиолог зел материјали за анализа и ги прати на испитување – четири од нив се позитивни. Тоа значи уште четири нови пациенти, кои ќе бидат префрлени на Универзитетската клиника за инфективни болести. Сите четворица се со лесна клиничка слика. Тоа беше причина зошто дополнително со членовите на Комисијата за заразни болести утрово разговаравме, а тие информации ги изложивме и пред Управувачкиот комитет за управување со кризи. Управувачкиот комитет предложи да се воведе кризна состојба на овој дел во општините Дебар и Центар Жупа и веднаш потоа на седница на Владата се донесе оваа мерка и одлука за ограничување на движењето на луѓето кои живеат во овие општини. Согласно Законот, во следните 24 часа ние веќе закажавме седница на Комисијата за заразни болести и на Управувачкиот комитет, уште една во тек на попладнето за да се разработи оперативниот план, за детали во однос на тоа како ќе се функционира во рамки на овие општини, каде сега е кризна состојба. Врз основа на тие заклучоци и мерки, кои ќе се донесат во текот на попладнето, на прес-конференција или со соопштение ќе ја информираме јавноста, рече министерот Филипче.
Тој додаде дека патник, кој пристигнал на скопскиот аеродром – наш државјанин од Германија, бил изолиран заради регистрирана лесно покачена температура. Земен е материјал за испитување и изолирани се дел од луѓето кои седеле околу него согласно препораките.
– Веднаш по пристигнувањето и изготвување на резултатите ќе информираме за неговата состојба и врз основа на резултатот, ќе се утврди што понатаму во лекувањето, секако, согласно тоа и за другите патници. Целосно денеска се почитува забраната за влез на странски државјани, кои доаѓаат од земјите со висок ризик согласно вчерашната одлука на Владата, истакна министерот Филипче.
Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски упати апел во насока на мерките за превенција од ширење на корона вирусот, што ги презема Владата, сите граѓани кои имаат потреба од услуги или различен вид на консултации со државните институции, тоа да го прават по електронски пат.
– Со цел да се намали фреквенцијата и редовите на чекање, особено за документите кои најчесто им се потребни на граѓаните, повторно би сакале да нагласиме дека овозможивме изводите од матичните книги на родени, венчани и умрени да можат да се добијат електронски. Досега граѓаните можеа само да поднесат барање за овие документи по електронски пат, но сега веќе и добивањето на документот е електронски. Овој електронски документ има иста важност со документите на хартија. Ова потсетување е наменето како за граѓаните, така и за институциите, истакна министерот Манчевски.
Како што информираше тој, на порталот uslugi.gov.mk, во моментов се достапни вкупно 128 услуги, кои можат да се добијат за само неколку минути од дома. Потврдите и различниот вид на документи од најпосетуваните институции, како што се: Агенција за вработување, Министерство за труд и социјална политика, Фондовите за здравствено и пензиско осигурување, Централниот регистар, како и од некои други, се достапни електронски.
Дополнително за 744 услуги, можат да се прочитаат сите потребни информации за целосната процедура на издавање. Нема потреба да се посетуваат институциите физички за да се добијат овие информации, рече Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива