Охрид, 16. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Центарот за јавно здравје од Охрид презема мерки со цел да се намали ризикот од ширењето на Корона вирусот и да се заштити популацијата на стари лица, како ранлива и најпогодена категорија од епидемијатата.
Центарот им овозможува за лицата над 65 годишна возраст како и за лицата кои немаат неопходна друга потреба да излегуваат од своите домови, бремените жени, лица со хендикеп, а имаат потреба од користење на услугите на микробиолошката лабораторија, да им биде извршена услугата/анализата без да излегуваат од своите домови и доаѓаат во установата.
– Секој работен ден од 08:00 до 13:00 часот, горенаведените категории на пациенти можат да се јават на еден од нашите телефони 046/231-030 и 078/488-255 или на е-маил: [email protected], каде нашите оператори ќе ги евидентираат личните податоци и адреса на живеење на пациентот, како и податоците за видот на микробиолошката анализа која треба да се направи, согласно упатот од матичен лекар, по што мобилна екипа ќе дојде на домашна адреса на пациентот да го земе потребниот материјал за анализа. Веднаш по завршување на анализата, наодите ќе бидат испратени на е-маил или доставени на домашна адреса на пациентот. Апелираме за максимална сериозност во почитување на мерките и препораките за заштита од корона вирус донесени од македонската Влада, порачуваат од Центарот за јавно здравје од Охрид. (Крај)
извор: Центар за јавно здравје Охрид фото: архива