Скопје, 17. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – СДСМ, ДУИ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера излегоа пред јавноста и соопштија дека се подготвени за одложување на предвремените парламентарни избори закажани за 12 април годинава. Можноста за одложување на парламентарните избори е единствена точка на дневниот ред на лидерската средба што за денеска ја свика шефот на државата Стево Пендаровски.
Претседателот Пендаровски во вила „Водно“ денеска ќе биде домаќин на лидерите на политичките партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, ДПА, Беса, Алтернатива и Алијанса за Албанците.
Тој не гледа проблем во одложувањето на изборите.
– Не гледам проблем да се одложат изборите, впрочем мислам дека јавноста е веќе информирана во 12 часот ќе има лидерска средба со една единствена точка на дневниот ред во контекст на ова што ни се случува и нам и на сите во регионот и на сите во светот практично, да се одложат изборите. Денеска со официјален допис мониторинг мисијата на ОБСЕ, ОДИХР ја откажа таа своја мисија и за два до три дена и физички се повлекува од државата, истакна синоќа претседателот Пендаровски по седницата на Советот за безбедност на Република Македонија.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев вчера изјави дека се за строго почитување на мерките и препораките за заштита од ширање на коронавирусот, а во таа насока и одложување на претстојните парламентарни избори закажани на 12-ти април.
– Ние како најголема владејачка партија го препорачуваме тоа, но кога носите вакви одлуки мора да одмерите што ако дај боже предвреме порано заврши кризната состојба, па какви би биле последиците од пролонгирањето на изборите врз економијата. Мора да ги измерите, да ги извагате сите работи, рече Заев.
Смета дека е добро што и опозицијата се согласува изборите да се одложат.
– Тоа е добро, еве не приближува до ставовите и верувам дека заеднички ќе изградиме став прво за одлука за одложување на изборите, а после тоа и заедно да го дефинираме денот на одржување на изборите, рече Заев. Истакна дека постојат повеќе аргументи за тоа кога би требало да бидат одржани изборите, но додаде оти најважаен и одлучувачки е јавното здравје во државата. Верува дека постојат начини како да се искоординираат сите и заедно да бидат донесени одлуките околу одложувањето и околу одредувањето на новиот датум за одржување вонредни парламентарни избори. (Крај)
извор: Плус инфо фото: архива