Охрид, 17. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Согласно актуелната состојба со Корона вирусот Ковид-19 и поради прекинот на воспитно-образовниот процес, охридската Локална самоуправа даде иницијатива и препорака за изнаоѓање на алтернативни форми за надоместување на изгубениот наставен материјал за учениците од подрачјето на општина Охрид.
За таа цел сите основни и средни училишта во координација со надлежните за образование при локалната самоуправа, деновиве започнаа да спроведуваат неформална настава по електронски пат за учениците.
– Ова значи дека наставниците и професори ќе споделуваат наставни содржини согласно предвидените образовни програми, вежби и задачи за учениците преку е-маил, преку групи на социјалните мрежи и преку други електронски алатки за комуникација, информираат од општина Охрид од каде ги поттикнуваат сите наставници и професори да се вклучат со свој ангажман и да придонесат во делот на оваа иницијатива.
Основците и децата од претшколска возраст од вчера имаат можност да следат и едукативни содржини на трите канали на националниот телевизиски сервис МРТВ, изведени од програмите кои се користат во училиштата и градинките. (Крај)
извор: Општина Охрид фото: архива