Скопје, 17. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Попладнево на скопскиот аеродром слетал авион од Брисел за кој имало информации дека внатре има патници со симптоми на Корона вирусот, информираше на последната прес конференција министерот за здравство Венко Филипче.
– Тие ќе бидат однесени на Инфективната клиника за да се тестираат. Останатите патници ќе чекаат на аеродромот додека не стигнат резултатите. Потоа, во текот на вечерва ќе одлучиме што ќе правиме, дали ќе бидат пратени во домашна изолација или ќе бидат преместени во објектите што ги предвидовме за изолација, рече Филипче.
Во однос на конвојот автобуси кои во текот на вечерва пристигнува во државата со наши државјани од Италија, Филипче рече дека тие веќе почнале да пристигнуваат и тоа ќе продолжи и во наредниве часови. Министерството за внатрешни работи ќе го обезбеди нивниот транспорт, без запирање и без напуштање на транспортот и истите треба да ги смести во капацитетите на Криволак. (Крај)
извор: Макфакс фото: архива