март 18, 2020

Охрид, 18. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Во рамки на оперативните мерки кои ги презема Општина Охрид за превенција од ширење на Корона вирусот Ковид-19, градоначалникот Константин Георгиески до општинскиот совет кој заседава денес, ќе предложи  економски софт мерки, наменети за граѓаните и бизнис секторот во Општина Охрид.

Ќе се предложи ЈП „Охридски Комуналец“ додека не се стабилизира целата состојба, да не доставува фактури до сите правни субјекти на подрачјето на општината кои нема да работат во согласност со мерките за превенција, да се стопираат сите извршни решенија за наплата и ЈП „Билјанини Извори“, додека трае актуелната состојба да не наплаќа паркинг.

Градоначалникот Георгиески најави дека во наредниот период ќе информира и за нови мерки кои ќе бидат спроведени во општина Охрид за надминување на актуелните состојби.

Мерки наменети за граѓаните и бизнис секторот за денешната седница најавија и од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид. Кандидатот за пратеник д-р Кирил Пецаков, на социјалните мрежи ги најави мерките:

1. Да не се пресметува казнена камата за извршените плаќања на сметки после утврдениот законски рок за плаќање на истите, а сето тоа додека трае периодот на мерки за заштита и превенција од КОВИД-19

2. Да не се пресметува казнена камата или казнени пенали за ненавремено исплатени обврски, кои согласно потпишани спогодби или договори со општина или јавните претпријатија основани од општината се исплаќаат на рати, а сето тоа додека трае периодот на мерки за заштита и превенција од КОВИД-19

3. Да се стопираат сите тужби, нотарски решенија и присилни извршувања во постапки пред извршител, освен за оние побарувања за кои постои опасност за застарување согласно закон, додека не заврши периодот на заштитни и превентивни мерки

4. Наведените мерки да важат со препорака за плаќање на сметките и фактурите по електронски пат. Овие заштитни мерки да важат и за корисниците на услуги од сите јавни претпријатија во Охрид кои ќе ги платат своите сметки и заостанати долгови после три месеци по завшрување на перодот на мерки за заштита и превенција од КОВИД-19

5. Дежурни екипи на ЈП „Водовод“ – Охрид и ЈП „Нискоградба“ – Охрид да вршат санирање на дефекти на водовод и запушувања на канализација во домовите, станбените згради и деловните простори, без надоместок, заради одржување на хигиена и спречување на ширење на бактериско загадување. По завршување на периодот на заштитни и превентивни мерки, истите да бидат наградени со соодветен надоместок.

6. Јавното претпријатие „Охридски комуналец“ да врши чистење и дезифинцирање на сите улици покрај главните булевари. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука