Скопје, 18. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Македонија влегува во вонредна состојба, откако одлуката за такво нешто попладнево беше потпишана од претседателот Стево Пендаровски.
Како што истакна тој, тоа го направил за доброто на граѓаните, да се надмине проблемот со овој опасен вирус.
– Пред истекот на овие 30 дена, очекувам детален извештај од Владата за дотогаш преземените мерки и за евентуално продолжување на состојбата за нови 30 дена. Сите институции дневно да информираат за сите активности. Лидерите на најголемите политички партии даваат поддршка за прогласување на вонредна состојба, а Владата ќе продолжи да функционира како техничка, рече Пендаровски.
На граѓаните уште еднаш им порача да останат дома и да не патуваат надвор. Воведување вонредна состојба претходно побара македонската Влада, а со таков став претходно излегоа и лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски.
Предлогот на Владата за воведување вонредна состојба го соопшти и образложи премиерот Оливер Спасовски, по што беше доставен до претседателот на Собранието, Талат Џафери. Џафери, пак, го проследи до Пендаровски кој, како шеф на државата, има надлежности да прогласи вонредна состојба. (Крај)
извор: Фокус фото: архива