Скопје, 19. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Одлуката за прогласување вонредна состојба е вистинска мерка за јавното здравје и животот на граѓаните, истата не значи дека со неа ќе замре животот на граѓаните и дека по автоматизам ќе се ограничат правата и слободите на граѓаните, рече на денешната прес конференција премиерот Оливер Спасовски.
– Сакам да ве уверам дека денес неколку часа по одлуката за вонредната состојба ние сите заедно сме повеќе сплотени и стоиме пред предизвикот за одговорност. Ги преземаме сите мерки за заштита на граѓаните. Одлуките се во насока колку е можно помалку да се наштети на економијата и стопанството. Со овластувањата на Владата ваквите политики ќе може полесно да се носат. Вонредната состојба ќе ја совладаме на најдобар можен начин за успешно спречување и ширење на коронавирусот. Да ги почитуваме мерките и да се заштитиме себе и нашите најблиски. Да покажеме дека сме посветени да ги почитуваме мерките и да се справиме со состојбата со коронавирусот, рече Спасовски.
Тој потенцира дека се продолжува да функционира како вчера, освен во Дебар и Центар Жупа кои се се жаришта на вирусот и таму има кризна состојба. И натаму остануваат да важат мерките за јавни собири и собирање во објекти во затворено, а за новостите јавноста ќе биде информирана на дневна основа.
– Упатувам порака до највозрасните, родителите, бабите и дедовците останете дома. Ако имате потреба обратете се во општината и во Црвениот Крст. Лицата кои ќе почувствуваат и најмали симптоми да се јават веднаш на телефонските линии на Центарот за јавно здравје. Не отстапуваме ниту педа да работиме за добро здравје на сите нас. Вонредната состојба значи само олеснување на состојбата и можност за носење сериозни одлуки, истакна Спасовски.
Спасовски упати апел до граѓаните кои треба да бидат самоизолирани и кои потпишале изјави, да ги почитуваат мерките. Во таа насока државата ќе биде многу ригорозна и строга и за прекршителите ќе се применат и одредби од Кривичниот закон. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива
Прочитано: 14