март 20, 2020

Охрид, 20. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Безбедносната состојба во општините Дебар и Центар Жупа, каде е прогласена кризна состојба е стабилна, а изминатото деноноќие помина мирно и без регистрирани собирања на граѓани на јавни места, нарушувања на јавниот ред и мир, кражби и без регистрирани сообраќајни незгоди.

И понатаму, на сила се активностите на полициските службеници кои се во согласност со оперативниот план за работа за контрола на угостителските и другите јавни објекти (маркети, ноќни клубови, фитнес салони, обложувалници), со цел доследно спроведување на мерките за спречување на внесување, ширење и за сузбивање на корона вирусот.

При извршена контрола на градското подрачје, полициските службеници од ОВР Дебар  констатирале дека Л.О.(42), сопственик на угостителски објект и Б.Л.(26) сопственик на интернет кафе, и двајцата  од Дебар, не ги почитувале мерките и препораките на Владата за забрана за работа на угосителски и други објекти пријавените во кои се собираат поголема  група на граѓани, поради што ОВР Дебар поднесе кривични пријави против нив.

Непречено се одвиваат мерките за контрола на патнички и други моторни возила за влез во Дебар и Центар Жупа, како и активностите за дотурот на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини. Сите правни лица кои вршат дотур треба да се најават во Кризниот штаб на фиксниот телефон 046/831 051 по што, нивните возила, со полициска придружба ќе бидат спроведени до трговските објекти во двете општини. Потсетуваме дека влезот е дозволен само на лица кои се жители на општините, а истовремено е оневозможен, односно строго е забранет излезот на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини.

Упатуваме апел до граѓаните на Дебар и Центар Жупа, но и до сите граѓаните во државата строго да се придржуваат до препорачаните мерки и насоки усвоени од Владата во врска со спречувањето на ширењето на корона вирусот (COVID-19), а сите правни и физички лица строго да се придржуваат до насоките на полициските службеници. Сите оние кои ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик. (Крај)

извор: СВР Охрид фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука