Скопје, 21. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Регистрирани 9 нови случаи на коронавирус во земјата. Со ова бројката на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 денеска до 12:00 часот, изнесува 85, објави на неговиот официјален профил на Facebook министерот за здравство Венко Филипче.
Според местото на постојано живеење, случаи на КОВИД-19 се регистрирани во 6 градови: Скопје, Дебар, Штип, Кавадарци, Гостивар и Охрид.
– Состојбата на хоспитализираните пациенти Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби е непроменета во однос на вчера. Единствената пациентка која е на респираторна машина е во критична фаза, тројца се со форма на потешка пневмонија но во моментов се стабилни, а останатите пациенти се со полесна клиничка слика. Сите пациенти кои се на домашно лекување се во постојан контакт со лекарите од клиниката, објави министерот Филипче.
Прес конференција со повеќе детали е закажана за 15:00 часот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива