Белчишта, 21. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Согласно препораките за превенција од ширењето на коронавирусот, COVID-19, екипи на ЈКП „Дебрца“ од Белчишта, со помош на екипа на ЈП „Охридски Комуналец“ од Охрид спроведоа превентивни активности за дезинфекција на јавните површини во дел од населените места во општина Дебрца.
Станува збор за Велмеј, Лешани, Злести, Белчишта, Ботун, Климештани, Мешеишта, Волино, Требеништа, Горенци и Оровник.
– Со средство за дезинфекција беа третирани главните сообраќајници и плоштадите, односно јавни површини по кои се одвива редовен превоз на патници и каде што има поголема фрекфенција на движење. Во понеделник вакви превентивни активности ќе се преземат и во другите населени места, истакна првиот човек на Дебрца Зоран Ногачески, кој изрази благодарност до екипите на ЈП „Охридски Комуналец“ и Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески за помошта и соработката, а во интерес на заштита на здравјето на нашите граѓани.
Ногачески апелира до граѓаните максимално да ги почитуваат препораките и мерките на Владата и Министерството за здравство и да постапуваат во согласност со истите.
– Јавното здравје е наша заедничка одговорност. Од нас зависи – додава Ногачески. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива