Скопје, 22. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Македонската Влада на последната, 25-та седница донесе Уредба со законска сила за прекин на сите дејствија за спроведување на изборите и за сите прашања поврзани со изборниот процес.
Оваа одлука Владата ја донесе заради вонредната состојба прогласена за ефикасно спречување на внесување и ширење на коронавирус COVID-19, и заради тоа што Собранието на Република Македонија не се состанува за да ја поништи одлуката за распуштање.
Во такви услови, а заради неопходната потреба успешно да се спроведат мерките за справување со коронавирусот во земјата, Владата донесе Уредба за прекин на сите дејствија за спроведување на изборите за пратеници во Собранието на Република Македонија, кои се закажани за 12-ти април 2020 година.
Со оваа Уредба Владата ја задолжува Државната изборна комисија да ја обезбеди и чува постојната изборна документација до продолжување на спроведувањето на изборните дејствија и изборите, кои ќе продолжат откако ќе биде прогласен престанок на вонредната состојба.
Уредбата исто така, определува задолжување за Државната изборна комисија во рок од еден ден од денот на престанок на вонредната состојба да објави на својата веб страница ревидиран роковник за продолжување на изборните дејствија. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива