Охрид, 22. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – На иницијатива на младите од МКОЦ „Соната“, креирано е „место“ на кое тие ќе се „собираат“, забавуваат, но и едуцираат.
– На sedidoma.mkoc.org.mk ќе можат да го исполнат своето слободно време додека сите ги почитуваме препораките за корона вирусот. Тоа е место каде што секој млад ќе може да најде нешто интересно, занимливо, смешно, но и едукативно и инспирирачко. Во исто време го повикуваме наставниот кадар кој сака да ни се приклучи во оваа акција во креирањето на панелот за квизови. Веруваме дека „Повторувањето е мајка на знаењето“, па затоа криравме можност за тестирање на материјалот кој треба да го изучат дома во овој период. Тестирањето е по училиште/смер, одделение/година и предмет. Идејата е најдобрите да се наградуваат. Токму затоа ги повикуваме сите компании или поединци кои сакаат да ја помогнат оваа акција да не контактираат на [email protected] или на 078/362-484, порачуваат од „Соната“.
Тие отворено ги покануваат и оние кои имаат некаков талент да го покажат.
– Ги повикуваме сите оние кои пишуваат, цртаат, сликаат, фотографираат, или пак имаат некој друг скриен талент да се пријават преку sedidoma.mkoc.org.mk, додаваат од МКОЦ „Соната“ од Охрид. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива