COVID-19 Здравје ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

А1он: Девет дена персоналот на охридска Трансфузиологија работел, не знаеле дека пациентот имал Коронавирус

Охрид, 24. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Персоналот од Трансфузиолошкото одделение е во карантин од 19-ти март, односно од пред четири дена, а со заболениот контактирале на 10-ти март овој месец, објаснува директорот на Центарот за јавно здравје-Охрид, Сашо Точко за А1он.

Еден ден подоцна е затворен целиот оддел. Персоналот до тогаш не знаел дека пациентот кој бил на преглед кај нив има Коронавирус. Па затоа, наместо во 14 дневна изолација, тие ќе останат до утре, бидејќи тогаш им истекува периодот на инкубација, пресметано од денот кога го имале првиот контакт со пациентот заболен од Коронавирус. Од денот кога заболениот бил на Одделот за трансфузиологија, таму идните 9 дена доаѓале и други пациенти.

Станува збор за првозаболениот од Коронавирус во Охрид, кој според кажувањата на Точко, бил дијагностициран на 19-ти месецов. Директорот на јавно здравје од Охрид објаснува дека епидемиолог постојано контактирал со заболениот по неговото враќање во Италија, како и дека дадени му биле напатствија за негова самоизолација и истиот никогаш не пријавил дека бил на Трансфузиологија, односно, дека го напуштил домот.

– Во моментот на контакт персоналот не знаел дека тоа лице има коронавирус. Доколку одиме наназад, може и пациенти се заразени од него. Ние на 19-ти март дознавме дека е позитивен, откако беше тестиран по истекот на периодот за инкубација. Дотогаш, тој не јави никакви симптоми. Тој со неговата сопруга е дојден од Италија. Резултатот на неговата сопруга беше негативен. И двајцата имале контакти, иако пациентот се контролира од моментот кога е дојден во земјава, објаснува Точко.

Во меѓувреме, од 10-ти до 19-ти март кога е потврдено дека пациентот што на бил на Трансфузиологија има коронавирус, на одделот доаѓале голем број на пациенти, што значи дека тие се втора односно трета генерација на контакти. Прво заболениот од коронавирус од Охрид на Трансфузиологија правел тромботест, а никаде не алармирал дека е повратник од земја со висок ризик или дека треба да е во самоизолација.

– Персоналот брои околу 7 лица, со кои секој ден контактираме и засега никој нема симптоми. Тие ќе бидат во изолација до утре, бидејќи се пресметува од денот кога го имале првиот контакт и 14-дена кои следуваат. Тоа се напатствија од СЗО. Тие имале контакт со заболениот на 10 март, што значи, инкубацијата им истекува утре, кога ќе бидат тестирани дали се позитивни на Коронавирусот. Резултатите ќе бидат готови во четврток. По алгоритамот на СЗО, по 14 дена од инкубацијата, ако лицата немаат симптоми, треба да одат во нормален живот без тестирање, посочува Точков за А1он.

Пациентот со Коронавирус во државата влегол на 6-ти март, кога допатувал со лет од Милано. По извршената епидемиолошка анкета бил усно известен од епидемиологот на охридскиот Центар за јавно здравје дека треба да биде во 14 дневна изолација. Тој не потпишал изјава, бидејќи таква мерка од Владата беше воведена четири дена подоцна. (Крај)

извор: А1он фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука