Скопје, 24. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Туристичките агенции ќе добијат ваучери за откажаните аранжмани, а ЗАМП ги ослободува од плаќање надоместок за музика хотелиерите и угостителите. Ова се новите мерки на министерството за економија за справување со последиците од корона вирусот во земјава во секторот туризам како еден од најпогодените од кризата.
Туристичките агенции кои ќе престанат да ја вршат дејноста ќе имаат обврска средствата во целост да им ги вратат на клиентите. Агенциите кои нема да ги почитуваат условите за издавање ваучери ќе добијат соодветни казни согласно Законот за туристичка дејност и Законот за прекршоци, изјави на денешната прес конференција министерот за економија Крешник Бектеши.
– Ќе се издаваат ваучери на туристичките агенции во вредност на уплатената сума за аранжманот кој бил откажан како резултат на кризата со корона вирусот. Со оваа мерка на туристичките агенции што работат outgoing туризам ќе им се овозможи да издаваат ваучери во износ на уплатената сума кој може да се искористи за било кое следно патување заклучно со 31.12 2021 година. На тој начин сите клиенти кои поради ситуацијата со корона вирусот ги откажале своите аранжмани нема да ги изгубат уплатените средства, а во исто време туристичките агенции би можеле да го издржат финансискиот товар. Издавањето на ваучерите ќе биде унифицирано за сите агенции и ќе се реализира со согласност од двете страни, односно туристичката агенција и патниците.
За поддршка на туризмот кој е најпогоден од кризата ЗАМП на барање на министерството за економија донесе одлука да ги ослободи од плаќање надоместок за музика рестораните, хотелите, кафулињата со оглед на тоа што моментално не работат, истакна Бектеши.
Бектеши додаде дека министерството за економија интензивно работи на мерките за справување со последиците од корона вирусот за помош на компаниигте кои во мометов работат отежнато или воопшто не работат. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива