март 25, 2020

Скопје, 25. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Угостителите бараат дополнителни мерки од Владата за да можат да ги надминат штетите кои ги предизвикува мерката на владата за нивно затворање.

Доколку Владата не ги прифати нивните предлози тие, како што рекоа, ќе мора да ги одјават работниците. Тврдат дека сегашните мерки на владата не им ги покриваат трошоците.

– Бараме субвенционирање на минимална бруто плата за вработените додека траат превентивните мерки, одложување на наплатата на даночни обврски и аконтации во наредните шест месеци, замрзнување и репрограм на обврските по кредити и камати како и други доспеани обврски кон банките до завршување на кризата, да профункционира итно и без одложување отворањето на кредитните линии со субвенционирана камата, да не се применува Законот за финансиска дисциплина во наредните три до пет месеци, да има одложено плаќање на сите режиски трошоци до завршување на пандемијата, да нема исклучувања поради неплаќање вода, струја и други основни услуги, како и да не се наплаќа персонален данок и ДДВ за кириите. Да исплатиме минимална плата за месец март, да се замрзнат давачките и кредитите и да се субвенционираат ратите на кредитите, рече Мартин Ангеловски од Туристичко угостителската комора при Сојузот на стопански комори.

Угостителите апелираат уште денеска да добијат одговор од владата на нивните барања.

– Уште денеска владата треба да се изјасни за да знаеме дали работниците да ги одјавиме од работа и да можат да аплицираат за други мерки за помош. Ветуваме дека оние кои што ќе ја преживеат оваа криза ќе ги вратиме сите вработени на работа, рекоа од Комората.

Угостителите се пожалија дека предложените мерки на владата не даваат решенија туку повеќе ги задолжуваат.

– Мерките ќе стапат од април ние веќе имаме штети за половина месец.Ние имаме проблем со платата на март. А не знаеме како ќе излеземе на крај со трошоците во април и натаму, велат тие.

Во секторот угостителстов има над 29.000 вработени, а малите и средни компании до 50 вработени, семејните компании и претприемачите се најпогодени од новите состојби.

Субјектите со претежна дејност угостителство, ставија клуч на врата по донесената уредба од државата за затворање како резултат на опасноста од ширење на вирусната инфекција. (Крај)

извор: Плус инфо фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука