Скопје, 26. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Двајца пациенти на Инфективната клиника веќе се ставени на терапијата за Коронавирус, но истата се дава исклучиво по препорака на лекар, никако да не се зема на своја рака, потенцира министерот за здравство Венко Филипче.
Агенцијата за лекови ja одобри комбинацијата која ги содржи лековите хлоркинин и азитромицин и која се покажа како ефективна во повеќе земји. Лекот прво ќе се дава на одредена група на пациенти по претходна проценка на клиничката состојба.
– Потребно е да се направи кардиолошка анализа ЕКГ затоа што има таму и една контраиндикација, значи не се дава на сите пациенти. Луѓето да не купуваат на своја рака или да се обидуваат да ги најдат лековите, мора да се даде според точна индикација на лекар специјалист. Апелирам и молам сите граѓани ова да не го прават. Дури и сите дијагностицирани пациенти со тешка и средна клиничка слика не се погодни за оваа терапија. Ова е off label терапија, но се дава зашто дава добри резултати, истакна Филипче.
Според последните податоци бројката на дијагностицирани пациенти со Коронавирус во Македонија достигна 177, а за првпат има случаи и во Прилеп и Велес. За жал вчера беше евидентирана и третата жртва од вирусот во земјава. Тоа е пациентката на 66 годишна возраст од Дебар, која подолго време беше на респираторна машина.
Според местото на живеење, досега пациенти се регистрирани во: Охрид, Скопје, Дебар, Куманово, Штип, Кавадарци, Гостивар, Прилеп и Велес. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива