Скопје/Охрид, 29. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Две лица на возраст од 91 и 31 година, двајцата од Скопје, починаа денеска од Коронавирусот, објави на денешната прес конференција министерот за здравство Венко Филипче.
– 31-годишниот скопјанец беше со тешка клиничка слика, во текот на вчерашниот ден беше интубиран и поставен на респираторна машина, но денеска почина. Во текот на изминативе 24 часа има 16 новозаболени пациенти, со шта вкупната бројка се искачи на 257 лица. Двајца пациенти имаат негативни тестови, а утре ќе им бидат направени втори тестови на уште 5 лица. Се очекува деновиве на домашно лекување да бидат пуштени 7 лица, објави министерот Филипче.
Тој упати и порака до граѓаните да бидат свесни дека бројот на заболени и починати од Коронавирусот ќе расте и затоа сите мора да бидеме одговорни и да ги почитуваме мерките.
– Пандемијата во светот не стивнува, постојано расте. И во Македонија бројката постојано расте. Добро е што бројот на случаи се зголемува линеарно, односно секој ден имаме приближно ист број на случаи, со кој здравствениот систем може да се справи. Влегуваме во вториот месец од борбата, која целосно ни ги промени животите. Пред нас е најтешниот период, во кој бројот на заболени ќе расте. Ќе расте и бројот на починати, за тоа мораме да бидеме свесни. Денеска имаме и починат млад човек, што значи дека вирусот е сериозна закана. Ние мораме сериозно да се однесуваме, затоа упатувам апел да се однесуваме претпазливо и одговорно, зашто успехот зависи од секој од нас, рече Филипче.
Тој додаде дека директорката на болницата во Охрид, д-р Славица Малеска Стојадиновиќ утре ќе биде разрешена, бидејќи пациентката од Струга која почина вчера од Коронавирус не била хоспитализирана.
На увид во болницата се инспектори од Здравствениот и санитарен инспекторат, се работи на тоа каква била улогата на другите лица инволвирани во целиот процес, по што ќе се одлучува понатаму согласно одговорите на вработените. Д-р Славица Малеска Стојадиновиќ беше поставена за директор на Општата болница во Охрид во април 2017 година. Таа дојде на местото на д-р Љубен Арнаудов, кој со оваа институција раководеше една деценија.
Основното јавно обвинителство (ОЈО) од Охрид вчера отвори предмет по допрен глас за случајот со 66-годишната жена од струшко Горно Татеши, која е четврта жртва на Коронавирусот во земјава. Одлуката на ОЈО Охрид доаѓа откако Али Теља, зет на починатата жена, во изјава за ТВ Телма рече дека, иако таа не можела да дише и се мачела два дена, во охридската болница преку прозорец им рекле да ја носат дома и да дојдат само кога ќе има позитивен тест на Коронавирусот.
Пациентката имала срцева болест, хронична белодробна болест и покачен крвен притисок. Според епидемилошката анкета, семејството на починатата жена непосредно пред прогласувањето на кризната состојба во Дебар, на 13-ти март биле на гости во Дебар и имале контакт со еден од таму заболените доктори, а по сознанието дека и тој е позитивен на коронавирус, семејството било во домашна самоизолација. Откако се јавиле првите симптоми кај починатата, таа на 24-ти март закажала тестирање на Коронавирус преку својот матичен лекар. Заради нагло влошената состојба на пациентката, матичниот лекар уште веднаш препорачал хоспитализација на Инфективното одделение во охридската болница, но до добивањето на резултатите, пациентката не е примена во болница. Материјал за тестирање е земен на 26-ти март, а резултатите пристигнале во текот на вчерашниот ден. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива