Охрид/Струга, 29. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Безбедносната состојба на подрачјето на седумте општини што ги покрива СВР Охрид е стабилна, информираат од Секторот.
– Изминатово деноноќие, во периодот од 07:00 часот на 28-ми до 07:00 часот на 29-ти март 2020 година, седум лица не ја почитувале забраната за движење за време на спроведување на мерките за ограничено движење и заштита на граѓаните од ширење на Коронавирус COVID-19 (Струга-1 и Кичево-6). Тие се приведени и против нив ќе биде поднесена соодветни поднесоци. Нема регистрирани собирања на граѓани, нарушувања на јавниот ред и мир, нема кражби и други казнени дела и не се регистрирани сообраќајни незгоди. Непречено се одвива контролата на лица кои се под мерките задолжителен државен карантин, здравствен надзор и домашна изолација и задолжителна 14-дневна самоизолација. Регистрирани се 16 нови лица со решение за изолација (Охрид-2, Струга-9, Кичево-5) и 11 нови лица во самоизолација (сите од Дебар). Полициските службеници извршија 83 контроли на лица со решение за изолација (Охрид-35, Струга-2, Кичево-1, Дебар-45) и 347 контроли на лица со изјави за самоизолација (Охрид- 119, Струга-78, Кичево-53, Дебар-97). Извршени се вкупно 149 контроли на угостителски објекти, информираат од СВР Охрид.
Стабилна е безбедносната состојба на подрачјето на општините Дебар и Центар Жупа, каде е прогласена кризна состојба. Во рамките на предвидените мерки во оперативниот план, полициските службеници непречено ги реализираат мото-патролите низ градските средини и приградските населби. Притоа, не се регистрирани собирања на граѓани на јавни места, нема нарушувања на јавниот ред и мир и нема регистрирани сообраќајни незгоди. Успешно се одвива процесот на извлекување на лицата кои во изминативе 14 дена беа во самоизолација и кои сега го напуштаат градот. На терен, без проблем се одвиваат активностите кон лица што се ставени под мерки за самоизолација, здравствен надзор и домашна изолација. Во општините Дебар и Центар Жупа без проблеми се реализираат мерките за контрола при влез на патнички и други моторни возила, како и активностите за дотурот на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини. Сите правни лица кои вршат дотур треба да се најават во Кризниот штаб на телефонот 046/831-051 по што, нивните возила со полициска придружба ќе бидат спроведени до соодветните трговски објекти. Потсетуваме дека влезот е дозволен само на лица кои се жители на општините, а истовремено е оневозможен, односно строго е забранет излезот на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини. Упатуваме апел до граѓаните, строго да ја почитуваат одлука на Владата за забрана на движењето од 21:00 до 05:00 часот секој ден, како и дисциплинирано да се придржуваат до сите останати препорачани мерки и насоки во врска со спречувањето на ширењето на Коронавирусот COVID-19, а сите правни и физички лица строго да се придржуваат до насоките на полициските службеници. Граѓаните, на бесплатниот телефонски број 08 0000 201 или на 192, можат да ги пријавуваат сите случаи на лица кои ги прекршуваат одредбите за задолжителна 14-дневна самоизолација. Сите оние кои ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик. (Крај)
извор: СВР Охрид фото: архива