март 29, 2020

Охрид, 29. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Оперативниот центар на Планинската спасителна служба при охридскиот Црвен крст, денес во 12:15 часот прими повик од страна на група возачи на планински Off-Road мотори, кои побараа помош за член од групата, кој доживеал несреќа и се стекнал со сериозни повреди на левата натколеница.

– Местото на несреќата беше лоцирано со помош на GPS координати, по што беше мобилизирана три члена екипа од Планинската спасителна служба, која веднаш се упати на терен. По околу 30 минути Off-Road возење, групата беше лоцирана. И покрај лошите теренски услови, повредениот беше целосно имобилизиран и транспортиран безбедно до специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид, на понатамошен третман. Акцијата заврши во 14:30 часот со безбедно враќање на тимот во центарот на Планинската спасителна служба. Поради вонредната состојба, која владее во државата, предизвикана од пандемијата со Коронавирусот, тимот на Планинската спасителна служба применуваше дополнителни заштитни мерки за време на интервенцијата, информираат од Планинската спасителна служба.

Неодамна  тие излегоа и со апел до вљубениците во планините да останат дома и да ги почитуваат мерките за заштита од Коронавирусот. (Крај)

извор: Планинска спасителна служба фото: Планинска спасителна служба

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука