Скопје, 30. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Државниот санитарен и здравствен инспекторат утврдил прекршување кај дежурниот здравствен работник во случајот со починатата стружанка од Коронавирус, соопшти директорката на инспекторатот, Иринка Сотирова, јави 360 степени.
– Во тек на вчерашниот ден Државниот инспекторат почна вонреден инспекциски надзор. Инспекцискиот надзор сè уште трае, но од тоа што можам да го кажам досега е дека е утврдено прекршување во однос на неовозможување на здравствена заштита, се однесува на здравствен работник кој бил дежурен. Точно е и дека матичниот има издадено упат, рече Сотирова.
Таа посочи дека за сите други околности ќе може да одговори и ќе го информира министерот Венко Филипче во целокупниот извештај кој треба да се подготви денеска затоа што изјави од другите кои работеле или дежурале тој или следниот ден на Инфективното одделение во охридската болница сè уште се земаат.
За смртта на 66-годишната стружанка, како што информираше вчера „360 степени“, и обвинителството отвори предмет. Сотирова вели дека до овој момент обвинителството не побарало од нив информации, но посочи дека тие како Државен инспекторат се обврзани за наодите да ги известат сите институции кои може да постапуваат.
66-годишната стружанка е четвртата жртва на коронавирусот во земјава која почина чекајќи ги резултатите од тестот. За нејзината смрт викендов информираше Министерството за здравство кое најави ревизија на целиот случај.
– Откако се јавиле првите симптоми кај починатата, таа на 24-ти март закажала тестирање на коронавирус преку својот матичен лекар. Материјал за тестирање е земен на 26-ти март, а резултатите пристигнале во текот на вчерашниот ден. Поради нагло влошената состојба на пациентката, матичниот лекар уште веднаш препорачал хоспитализација на Инфективното одделение во охридската болница, но до добивањето на резултатите вчера, пациентката не е примена во болница, информираат од Министерството за здравство. (Крај)
извор: 360 степени фото: академик.мк