Скопје, 31. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Од денеска статистиката за бројот на новозаболени од Коронавирус во Македонија Институтот за јавно здравје ќе ја соопштува до 15:00 часот, по што Министерството за здравство ќе испрати информација до медиумите.
Ова се прави заради зголемениот обем на работа и информации и се поголемиот број на тестирања во повеќе лаборатории кои ги доставуваат своите извештаи до Институтот за јавно здравје.
– Правиме огромни напори навремено, транспарентно и точно да ја известуваме јавноста и да комуницираме со медиумите. Во овие моменти е неопходно е да имаме точни, проверени и прецизни податоци и за таа цел го поместуваме времето за известување. Прес-конференциите остануваат да се одвиваат на редовна основа за сите дополнителни информации и прашања од страна на медиумите. Нашата служба за Односи со јавност е максимално посветена да одговори на секое прашање во најкус можен рок и тоа ќе продолжи да го прави и во иднина, посочуваат од Министерството за здравство.
Од ресорното министерството бараат разбирање доколку во одреден момент недоволно брзо одговори и дека тоа е најчесто така затоа што службите во здравствените институции кои треба да ги дадат информациите се преоптоварени со своите активности и не можат со очекуваната брзина да ги достават бараните информации. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива