Охрид, 31. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Во среде пандемија, кога се соочуваме со можеби најголемата криза во последните 30 години, од „Бихаќка“ уште сега сигнализираат дека статусот на Охрид во УНЕСКО е спремен да се жртвува на олтарот на голата желба за власт и профит-интересите на нивниот коалиционен партнер ДУИ, сметаат од политичката партија Левица.
Ова го констатираат врз основа, на како што велат, несреќна изјава на градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, кој во радиоемисија кажал дека „ако утрe проба да ги руши дивоградбите во Охрид можеби некој ќе го убие”.
– Оваа најпластично ја илустрира импотентноста и немоќта на владејачката партија пред урбаната мафија предводена од нивниот коалиционен партнер. Узурпацијата на Охридското крајбрежје продолжува и сега, при што пред неколку дена објавивме дека само на неколку метри од спорниот објект на советникот Нефи Усеини забрзано се гради нов цврст објект, во време кога беснее епидемија, алармираат од Левица.
Тие сметаат дека потребно е градоначалникот Константин Георгиески да собере храброст и да си ја врши работата за која е избран и да го почитува правниот поредок на Република Македонија. (Крај)
извор: Левица фото: архива