април 2, 2020

Скопје, 2. април 2020 (ОХРИДПРЕС) – Забрана за вработување во јавниот сектор, освен во здравството, набавка на мебел, опрема и возила, а средствата од непродуктивните расходи се пренаменуваат во средства за справување со здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот, ова се дел од одлуките на последната владина седница.

– Во јавниот сектор времено се забрануваат новите вработувања, нови ангажирања преку агенции за привремени вработување и нови договори на дело, освен за ангажирања на соодветен кадар во здравствениот сектор и во други сектори кои се во насока на справување со последиците од коронавирусот. За сите трајно испразнети работни места (пензионирања и други заминувања по различни основи) да нема прием на нови вработувања. Доколку се утврди неопходност за пополнување на некое работно место, истото да се пополни од институции каде што има суфицит, а доколку нема таков кадар по институциите, за ангажирање на лицата да одлучува Владата. Да не се стопираат веќе почнатите постапки за вработувања, за кои има согласност од Министерство за финансии. За издадените согласности за кои не се започнати постапки за вработувања да не се започнуваат. Расходите за репрезентации, спонзорства и реклами да се сведат на минимум во јавниот сектор, стои во соопштението од Владата.

Согласно последните одлуки, вработените во јавниот сектор нема да добијат регрес за годишен одмор во 2020 година, а нема да се реализираат и другите права во Општиот колективен договор за јавниот сектор за годинава.

На последната седница Владата ја донесе Уредбата со законска сила за финансирање на организирање и реконструкција на јавните површини во просторот на Клинички центар „Мајка Тереза“ – Скопје за време на вонредна состојба согласно која се утврдуваат финансиски средства во висина од 78.000.000 денари за обезбедување на поефикасно функционирање. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука