Охрид, 27. јануари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Преку вчерашниот демант, директорката на градинката Розе Костоска всушност ги призна сите негативни забелешки за нејзиното работење кои беа истакнати на прес-конференцијата од СДСМ, реагираат од Општинската организација на СДСМ Охрид.
– Во поглед на нејзиниот став за тоа што направила или не направила претходната локална власт во градинката, ако директорката има кратко паметење како една од тогашните кадри во оваа институција во одреден период, да ја потсетиме на доградба на објектот „Централна“ со површина од околу 500 м2 (три занимални,три санитарни чворови, трпазарија, магацин за храна – сите современо опремени), молерисување на ентериерот во пастелни бои, молерисување на надворешни фасади, стружење и лакирање на паркети, стружење и фарбање на стари плакари, фарбање на надворешна и внатрешна столарија, доопремување со катчиња и дидактички материјал за сите занимални, стои во рекацијата на СДСМ.
Од оваа партија велат дека биле опремени и просториите за продолжен престој, како и дворните површини со реквизити за игри на отворено, биле инсталирани домофони до секоја занимална, биле поплочени влезовите и дворовите на градинките, се реконструирале покривите и парната инсталација, се набавиле парни котли, а се реконструирале и санитарните јазли.
– Исто така во време на претходната локална власт беа набавени ново возило со вграден термо-кинг за транспорт на храна марка „Пежо“, како и ново комби со девет седишта марка „Пежо“. Набавени беа и ТВ-приемници и ДВД плеери за секоја занимална и сала од објектите,осум компјутери за администрација, три принтери, фотокопирка, скенер,камера, прожектор,платно за проекција, лаптоп, пет фотоапарати и озвучување, додаваат од охридската организација на СДСМ.
Од партијата наведуваат дека во времето додека СДСМ владеела со општината, биле набавени и повеќе апарати за одржување како што се правосмукалки, машини за перење теписи, за полирање плочки, за миење садови и слично.(Крај)
извор:ОхридПрес фото:архива