Скопје, 6. април 2020 (ОХРИДПРЕС) – Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) во пресрет на најголемиот христијански празник – Велигден, денеска уште еднаш упати повик до парохиското свештенство, монаштвото и верниците, за почитување на веќе утврдените владини мерки, за да се намали ширењето на заразата со коронавирусот и да се заштити здравјето на населението.
Од МПЦ-ОА истакнуваат дека вонредната мерка за јавните собири, која прецизно го ограничува движењето и групирањето на луѓето, ќе важи како за овие денови така и за периодот на претстојните велигденски празници, пренесе порталот 360stepeni.mk.
Од МПЦ-ОА велат дека нема да го прекине литургискиот богослужбен живот, туку ќе се приспособи на новонастанатите услови, почитувајќи ги донесените мерки за заштита, односно храмовите на МПЦ-ОА, за лична молитва на верниците, ќе бидат отворени, но притоа се апелира одговорно да се почитува наложеното правило од државните власти во јавниот простор, во дозволените часови за јавно движење, времено да престојуваат исклучиво до пет луѓе на одредено растојание.
Во денешното соопштение МПЦ-ОА ги посочува следниве насоки:
1. Светите литургии и сите богослужби да се одржуваат со неколкумина сослужители, со најмногу петмина верници, водејќи грижа да не се наруши веќе наложената мерка за јавен собир.
2. Со благослов на надлежниот епархиски архијереј, во своите парохиски храмови, верниците да пристапат кон Светата причест, на начин што е веќе востановен и утврден.
3. На повозрасните, изнемоштените и имунослабите лица, како и на децата, им препорачува да останат во своите домови. Доколку имаат духовна потреба, истите да се најават кај своите парохиски свештеници за да бидат причестени во домашни услови.
4. Во оваа вонредна состојба го благословува и го смета за полезно медиумското пренесување на црковните богослужби од националните и локалните медиуми, како и на интернет ресурсите.
5. Оние, пак, кои во претстојниов период се одлучиле за самоизолацијата или, пак, на кои таа им е наложена како превентива против заразата, ги охрабрува во нивната самопожртвуваност, затоа што таа ги штити и нив, но и другите околу нив.
6. Со своето однесување, никој не смее да биде причина за нарушување на востановените безбедносни регулативи и постоечките здравствени норми.
7. Евентуалните прекршители на вонредните владини мерки треба да понесат сопствена одговорност. Упатува апел за внимателен однос кон позитивните лица на корона, препорачувајќи да се избегнуваат обвинувања врз таа основа
8. Доколку се констатира остварен контакт со позитивен носител на овој вирус, во црковно-административен објект, парохиски храм или манастир, да се следи протоколот предвиден од надлежните здравствени власти и веднаш да се пристапи кон карантински услови, дезинфекција и самоизолација.
9. Припадниците на клирот да ја следат личната здравствена состојба и при секој изразен симптом, познат за оваа болест, да го известат својот матичен лекар.
10. Погребите да се извршуваат на отворен простор, а крштевките, доколку е неопходно, во кругот на најтесното семејство, се наведува во соопштението од САС на МПЦ-ОА. (Крај)
извор: 360stepeni.mk фото: МИА