април 7, 2020

Охрид, 7. април 2020 (ОХРИДПРЕС) – Кризниот штаб на општина Охрид за превенција и справување со Корона вирусот Ковид 19, во согласност со мерките и препораките на Владата на Република Македонија за ограничено движење, денес одржа состанок на кој беа донесени следните заклучоци.

– Се упатува известување до сите маркети и економски оператори на територијата на Општина Охрид кои се регистрирани за он-лајн продажба, дека ќе може да вршат достава на намирници за итни и неодложни потреби за време на Полицискиот час во текот на викендот. Истите задолжително мора да испратат барање до Кризниот штаб на општина Охрид на следната електронска адреса [email protected] најдоцна до утре (среда) до 12:00 часот. Ќе биде дозволено движење на максимум 5 вработени лица (доставувачи) од маркет, кои треба да имаат соодветна заштитна опрема.

– Се упатува известување до сите Аптеки на територијата на општината кои ќе работат за време на Полицискиот час за време на викендот, задолжително да ги испратат потребните податоци на електронска адреса [email protected] најдоцна до утре (среда) до 12:00 часот. Ова е потребно за навремена координација со мобилните тимови на општина Охрид, Охридскиот Црвен крст и СВР Охрид.

– Се упатува апел до филијалите и експозитурите на сите банки кои работат на територијата на општина Охрид да обезбедат редарски мерки за клиентите кои чекаат на шалтерите и пред влезовите на банките, како и за банкоматите кои се наоѓаат пред објектите на банките.

– Се упатува препорака до маркетите да вршат задолжителна дезинфекција на објектите во утринските часови, пред почетокот на работното време.

– Се упатува известување до сите граѓани на Охрид кои имаат потреба од движење за итни и неодложни потреби за време на траењето на Полицискиот час за време на викендот, да испратат барање со СВР Охрид до утре (среда) до 12:00 часот.

Кризниот штаб на општина Охрид упати барање до Кризниот штаб на Владата на Република Македонија да изнајде решение за редуцирање или ограничување на движењето на граѓаните од Охрид кон Струга и обратно, со цел поголема заштита и превенција на граѓаните. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука