COVID-19 Избор Македонија ТОП ВЕСТИ

МТСП: Домаќинствата без приходи да поднесат барање за гарантирана минимална помош во центрите за социјална работа

Скопје, 9. април 2020 (ОХРИДПРЕС) – Министерството за труд и социјална политика ги информира домаќинствата кои останале без приходи или биле дел од неформалната економија за правото на гарантирана минимална помош.

Со цел олеснување на последиците од здравствено-економската криза, со Уредба со законска сила за примена на Законот за социјалната заштита за време на вонредна состојба, овозможен е брз пристап во системот на социјална заштита.

За добивање минимална гарантирана помош, материјалната необезбеденост ќе се утврдува врз основа на вкупната просечна висина на сите приходи на сите членови на домаќинството по сите основи, сметано од последниот месец, наместо досегашните три месеци.

Износот на правото зависи од бројноста и структурата на домаќинството и се движи од 4.000 денари за едночлено домаќинство до 10.000 денари за домаќинство сочинето од 5 возрасни членови.

Домаќинствата кои користат гарантирана минимална помош, ќе остварат и паричен додаток од 1.000 денари ​заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството и за месеците април и мај 2020 година.

Барањето за добивање гарантирана минимална помош се поднесува до надлежниот центар за социјална работа. (Крај)

извор: МТСП фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука