април 9, 2020

Скопје, 9 април 2020 (ОХРИДПРЕС) – Охридски компании донирале средства за поддршка во напорите на здравствените институции за справување со состојбата со Ковид-19 во Република Македонија, објавија од Министерството за здравство од каде изразуваат голема благодарност за помошта.

Станува збор за „Охридска банка“, Здружение на возачи Охрид и ЦВО Брокер Охрид, кои заедно со уште многу компании и поединци од целата држава помогнаа кога беше најтешко.

Донациите во опрема и добра за Министерството за здравство вклучуваат медицинска опрема за потребите на Инфективната клиника, Клиниката за детски болести, Клиника за неврохирургија, КАРИЛ, како и за други здравствени институции и тоа: апарати за механичка вентилација, рентген апарати, бронхоскоп, респиратори, инфузиомати, ЕКГ апарати, дефибрилатори, аспиратори за сукција, пациент монитори за инвазивно мерење притисок, батерии за рентген апарати, апарати за лабораторија, кислородни маски, пулсоксиметри, китови за тест корона, апарати за прочистување на воздух, значителна количина заштитни наочари, визири, скафандери, маски, потребни лекови и медикаменти, потрошен материјал, како и немедицинска опрема и други потреби пред се на Инфективната клиника – возила, машини за перење, сушење, бојлери за топла вода, кревети, фолија за маневарска болница, пешкири, постелнини, козметички производи, вода, софтверска апликација.

Материјалите и апаратите се веќе пристигнати, а дел се нарачани од донаторите и во текот на наредната недела се очекува пристигнат во Инфективната клиника и на другите локации според потребата.

Покрај донациите во опрема и добра, на наменската сметка на Министерството за здравство за донации до сега пристигнати се средства во висина од 59.300.000 денари.

За сите поединци или компании кои се заинтересирани да донираат заштитна опрема, медицинска опрема или медицински помагала или материјали, како и било какви други средства, добра и услуги кои се потребни за справување со коронавирусот (2019-nCov), тоа може да го направат во директна соработка со одговорните од Министерството за здравство. Конкретни инструкции за постапката за донација може да се добијат со контактирање на одговорното лице на е-маил адресата: [email protected].mk.

Наменските сметки за донација на Министерството за здравство може да се најдат на http://zdravstvo.gov.mk/ministerstvoto-za-zdravstvo-otvori-posebni-smetki-za-donacii-mozhe-da-se-doniraat-parichni-sredstva-no-i-oprema-soglasno-listata-na-prioriteti-na-ministerstvoto/ (Крај)

извор: Министерство за здравство фото: архива

 

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука