Скопје/Охрид, 9 април 2020 (ОХРИДПРЕС) – 11-годишниот Јане Велковски од Скопје, кој боледува од спинална мускулна атрофија (СМА) и е застапник за деца со попреченост од Македонија, се вклучи во кампањата на УНИЦЕФ Voices of Youth и испрати порака со охрабрување до младите во време на пандемија.
– Среќен сум што сум добро, што сум дома, што имам технологија и WiFi па можам онлајн да учам, да играм и да контактирам со другарите… Омилен предмет ми е математика. Среќен сум што сум здрав и што наскоро ќе можам да си играм со моето куче Бела, порача малиот херој.
Минатата година, во седиштето на Обединетите нации во Њујорк Јане говореше на Самитот на УНИЦЕФ на прославата за одбележување на Светскиот ден на детето. Од возрасните тој побара да прават сѐ за детските права, да ги остранат бариерите на најмладите и да стават крај на дискриминацијата. На децата како него им кажа да бидат истрајни и никогаш да не се откажуваат од нивните соништа, дека треба да ги рушат бариерите каде и да се појават, и да прават добро за да надоместат за добрината која недостасува. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива