мај 5, 2020

Охрид, 5. мај 2020 (ОХРИДПРЕС) – Угостителските објекти по скоро два месеци под клуч, најверојатно ќе бидат отворени во понеделник, а охридските угостители очекуваат официјализација на оваа најава.

На почеток ќе работат само терасите надвор, што секако нема да биде рентабилно, но секако ќе биде повеќе отколку досегашниот период кога објектите воопшто не работеа, вели за Супер радио и OhridPress претседателот на охридскиот угостителски еснаф, Михаил Мишев.

– Очекуваме да се официјализира најавата дека со работа ќе се почне од понеделник. Дека ќе биде рентабилно воопшто не, но ќе биде повеќе од нула. Кај голем број од објектите, бидејќи сме ограничени со квадратурата, уште не знаеме како сето тоа ќе изгледа. Како што е најавено ќе се отвораат прво терасите надвор, но не секој има тераса и тоа е еден параметар. Кој има поголема тераса нешто ќе успее да сработи. Прво беше речено дека 20% од капацитетот ќе работи, со по две лица на маса. На пример ако се 30 маси, да работат 6, по двајца гости на маса тоа се 12 луѓе истовремено. Сега со последните најави ќе е дозволено во рестораните и кафетериите на маса да може да седат максимум 4 лица кои не мора да се роднински поврзани. Ќе треба да се преориентираме да имаме редар, човек што ќе дезинфицира. Во секој случај очекуваме официјална потврда за начинот како ќе се реализира работата во наредниот период. Во однос на предлози и сугестии од наша страна ги изнесовме преку форуми и преку Стопанската комора како верифицирано тело, потенцира Мишев.

Во однос на отпуштањата од работа во угостителскиот сектор како еден од најпогодените сектори поради кризата со коронавирусот Мишев вели дека има делимични отпуштања, но не можеше да потврди по какви основи.

Деновиве низ Охрид, додека се чека одлуката за почеток со работа, угостителите ги подготвуваа објектите, се чистеа и дезинфицираа внатрешноста, масите и столиците, терасите.

Министерот за здравство посочи дека со оглед на тоа што бројките на заразени пациенти се намалуваат, епидемијата спласнува изработени се протокли за олабавување на мерките, па постепено да почнат со работа субјектите кои сега се затворени. Министерот Венко Филипче нагласи дека до крајот на оваа недела ќе бидат донесени и стручните мислења за протоколите по што ќе се премине на нивна реализација.

– Во однос на протоколите, да кажам дека ставот е рестораните и кафичите на почеток да работат само надвор, со одржување на дистанцата. Но, дозволете сето тоа да се финализира и до крајот на неделата да се објави и некаде од почетокот на следната недела тоа да биде во функција, рече Филипче.

Што се однесува пак до годишните одмори и патувањата во време на пандемија, Филипче кажа дека стратегија ќе се прави откако ќе има координација со соседните земји, бидејќи непочитување на мерките, не само кај нас, туку и во која било друга земја, е загрозување на јавното здравје. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука