мај 7, 2020

Скопје, 7. мај 2020 (ОХРИДПРЕС) – Од ТАВ Македонија се подготвуваат за отворање на аеродормите во државава, во исчекување на точен датум и одлука од надлежните институции, кои пак се во координација со меѓународните воздухопловни власти каде се во тек активности за наоѓање најсоодветни унифицирани решенија за одвивањето на авионскиот превоз на патници.

Официјална информација од Владата и надлежните воздухопловни тела чекаат и авиокомпаниите за да можат да ги потврдат нивните планирани рути од Скопје и од Охрид. Дестинациите и фреквенцијата на летови годинава, ќе зависат и од внатрешната организација и одлуките на авиокомпаниите, бидејќи и тие, како дел од авиобизнисот се значително погодени од кризата со вирусот Ковид-19. И по повторното отворање на аеродромите, авиосообраќајот ќе биде значително намален во однос на нивоата од претходните години, бидејќи, луѓето, пред сè, ќе се плашат да патуваат со авион, како резултат на стравот од повторно ширење на болеста. Со оглед на рецесијата која се очекува, што ќе влијае на стандардот на луѓето, ќе треба повеќе време авијацискиот пазар да се врати на некое од претходните нивоа на подем. Само во март, по затворањето на двата аеродрома, концесионерот регистрира намалување на патниците за 55 проценти, во споредба со март лани.

– Да, ние се подготвуваме за реотворањето на двата аеродрома, Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, и покрај тоа што во овој момент сè уште не го знаеме точниот датум, бидејќи чекаме официјална информација од Владата. Како што знаете, вонредната состојба трае до 16-ти мај, но во овој момент не знаеме дали и границите и аеродромите ќе бидат отворени веднаш после овој период. Ние сме подготвени и се надеваме на поскоро почнување со работа. Веднаш штом добиеме официјална информација, ќе ја информираме јавноста, патниците, споделувајќи ги сите важни информации со нив, во врска со идните патувања, изјави за Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија за МИА.

Во однос на тоа како ќе се одвива нормализирањето на авиосообраќајот, почитувањето на мерките за превенција од вирусот и што тоа ќе значи за патниците Ерсој вели дека ТАВ Македонија ги следи меѓународните искуства, препораки и упатства за враќањето на аеродромските операции по КОВИД-19, како и националните прописи во цивилното воздухопловство и оти ќе ги имплементира во делот на своите надлежности.

– Согласно моменталните мерки на аеродромите кои сè уште се отворени и дискусиите на експертите – хигиенските мерки кои веќе ги применуваме ќе бидат интензивирани, а мерки на социјално дистанцирање ќе бидат имплементирани во текот на целиот процес на патување на еден патник, вели Ерсој. Се надеваме дека наскоро патувањата со авион ќе бидат можни, ситуацијата полека ќе се нормализира и сите ќе се вратиме на работните места во нашите канцеларии. Во аеродромскиот бизнис летниот распоред на летање почнува на крајот на март и завршува во октомври, така што, појаснува Ерсој, моментално сме во т.н. летна сезона на летање. Редовниот распоред на летови, за летната сезона 2020, кој беше планиран, почна брзо да се менува, како што зафати кризата со коронавирусот, наведува генералниот директор на ТАВ Македонија.

Според Ерсој, и по повторното отворање на аеродромите, авиосообраќајот ќе биде значително намален во однос на нивоата од претходните години, бидејќи, укажува, луѓето, пред сè, ќе се плашат да патуваат со авион, како резултат на стравот од повторно ширење на болеста.

– Така, ефектите од Коронавирус кризата во авиосообраќајот ќе продолжат да се чувствуваат до крајот на годината. Се надеваме дека штом летовите почнат, со зголемена хигиена и претплазливост од страна на сите нас, како и почитување на мерките за лична заштитна опрема, довербата во авиосообраќајот како најсигурен вид на превоз, со текот на времето ќе се врати. Сепак, со оглед на рецесијата која се очекува, која што ќе влијае на стандардот на луѓето, ќе треба повеќе време авијацискиот пазар да се врати на некое од претходните нивоа на подем, оценува Ерсој.

Во првите два месеци од годинава се регистрирани 350.708 патници на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, при што порастот беше 15 проценти на годишно ниво, а бројот на летови во истиот временски период, јануари-февруари беше 2.907, со 16 проценти годишен пораст. Во март, по затворањето на двата аеродроми, како што информира Ерсој, имале 79.479 патници, што е намалување од 55 проценти, во споредба со март 2019, кога само на месечно ниво имале 175.599 патници. Во првите три месеци од годинава, периодот јануари-март, на двата македонски аеродроми имало вкупно 430.187 патници, односно намалување од 11 проценти во однос на истиот период од 2019 година, кога биле регистрирани 480.845 патници. (Крај)

извор: МИА/Лидија Велковска фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука