Струга, 7. мај 2020 (ОХРИДПРЕС) – Во Струга денес по 11 пат се одржа Ѓурѓовденската литија – Еордија – литијата со Чудотворната икона на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец, збогатена и со чесните мошти од неговиот Манастир во Рајчица, како и Чудотворната икона на Пресвета Богородица-Крнинска и на Христос Архиереј од Манастирот Пречиста Кичевска.
Поради вонредната состојба со пандемијата на коронавирусот COVID-19, и во согласност со превентивните мерки на државните и здравствените власти, организаторите најавија дека Литијата ќе биде составена само од дел од локалното свештенство и монаштво.
Сепак, голем број граѓани беа дел од Литијата, што предизвика бројни коментари на социјалните мрежи, пред се’ поради тоа што не се почитуваа мерките на Владата на Република Македонија, кои предвидуваат забрана на собири во време кога се’ уште е на сила забраната за собирање на повеќе од две лица.
Во храмот на Свети Георгиј Победоносец, од страна на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј и на дел од локалното свештенство, беше отслужена и традиционалната ктиторска Вечерна со панихида за покојните ктитори и градители. Со цел на верниците да им се овозможи да земат молитвено учество во оваа Вечерна, храмот беше озвучен и верниците можеа да ја слушаат богослужбата однадвор. За време на службата моштите на Свети Георгиј беа поставени во тремот на храмот, каде што има две влезни и излезни врати, така што имаа можност оние верници кои сакаа да му се поклонат, да го направат тоа.
По завршетокот на Вечерната, околу 17:00 часот, започна Литијата, од која беше овозможен пренос во живо.
Струшката Еордија спаѓа во категоријата „Значајно културно наследство“, заштитена со државен закон и преку здружението „Рајчица“ таа е помагана од Министерството за култура на Република Македонија. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Данче Секулоска