Охрид, 8. мај 2020 (ОХРИДПРЕС) – Во убавините на Охрид и Охридското Езеро туристите уживале многу одамна, а една реклама за посета на прекрасниот град под Самуиловата тврдина датира од далечната 1935 година.
На 5. мај 1935 година, во српскиот весник „Време“ е објавена реклама за посета на Охрид со авион, задоволство кое тогаш чинело 430 динари, а се патувало до Битола, најблиското место на воздушниот пат.
– Туристи, ни Охрид веќе не е толку далеку. Да му се восхитувате на Охридското Езеро, а притоа да го олесните патувањето, летајте до Битола, најблиското место на воздушниот пат. Тоа ќе Ве чини само 430 динари, пишува на промотивниот плакат, каде има и соодветна графика со мотиви од Охрид, како и информации и контакт телефон за сите заинтересирани за купување билети.
Извадокот од весникот во Facebook групата Битола стари фотографии, заедно со дополнителни информации ја објави Мићко Крстић.
Друштвото за воздушен сообраќај „Аеропут“ беше првата југословенска авиокомпанија сместена во Белград. Основана во далечната 1927 година, „Аеропут“ постоеше се’ до преименувањето во 1947 година во Југословенски аеротранспорт (ЈАТ). На 24. мај 1935 година „Аеропут“ ја отвори линијата Белград-Ниш-Битола летајќи со авион од типот Spartan Cruiser II. Ова Друштво за воздушен сообраќај беше меѓу првите 10 авиокомпании во Европа.
Битолскиот цивилен аеродром се наоѓал кај селото Оризари и со него стопанисувал токму авиопревозникот „Аеропут“, кој ја одржувал редовната линија од Белград за Солун, преку Скопје и Битола. (Крај)
извор: ФБ група Битола стари фотографии/Мићко Крстић фото: Мићко Крстић