Скопје, 9. мај 2020 (ОХРИДПРЕС) – Министерството за здравство соопшти дека денеска Комисијата за заразни болести одржа состанок на кој е разгледана можноста за олеснување на досегашните мерки за превенција и заштита од ширење на коронавирусот.
Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести одлучија да препорачаат до Владата сите досега донесени мерки да останат во сила.
– Трендот на нови случаи со Ковид-19 во следните два дена, како што се посочува, ќе биде разгледуван на состанокот на Комисијата за заразни болести во понеделник, по што ќе бидат дадени нови препораки до Владата за понатамошно постапување во однос на мерките. Се апелира до граѓаните доследно да се придржуваат до мерките, да ја почитуваат забраната за групи поголеми од две лица, да се држи дистанца од најмалку два метра и задолжително да се носи заштитна опрема за лице во случај кога просторот меѓу граѓаните е помал од пропишаното, стои во соопштението. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива