Скопје, 10. мај 2020 (ОХРИДПРЕС) – СДСМ и коалицијата предлагаат изборите да се одржат на средината на јуни, изјави на прес-конференција претседателот на СДСМ, Зоран Заев, по состанокот со коалиционите партнери.
Ставот на коалицијата ќе биде предложен на лидерската средба кај претседателот, Стево Пендаровски, во вторник кога се очекува да биде утврден датумот за одржување на парламентарните избори, јави vecer.mk.
Првиот човек на СДСМ вели дека потребни се кредибилни институции со полн капацитет за справување со кризата.
– Веќе втор месец сме во вонредна состојба, повеќе од 4 месеци имаме техничка влада, 3 месеци е распуштено Собранието. Потребни се Собрание и Влада за да преземат конкретни чекори пред се во надминување на економската криза. Со тоа, сѐ повеќе се наметнува потребата од одржување на парламентарните избори, рече Заев.
Тој образложи дека во ситуација кога интензитетот на кризата се намалува, изборите треба да се одржат, бидејќи во такви услови нема загрозување на здравјето на граѓаните. Тој рече дека на државата и се потребни избори, веднаш штом се создадат услови за нивно одржување, а во моментов охрабрува тоа што мисијата на ОДХР најавува дека може да се организира и да прати набљудувачи, а и други држави не случајно одат на избори во овој период. (Крај)
извор: vecer.mk фото: vecer.mk