Охрид, 11. мај 2020 (ОХРИДПРЕС) – ЈЗУ „Општа болница“ од Охрид денеска доби донација „УВ Гард“ за дезинфекција на површини и воздух од вируси и бактерии, изум од македонските иноватори Ивица Поцков и Никола Глигоров.
Од болницата изразуваат огромна благодарност за оваа донација, затоа што овој апарат е неопходен за здравствените работници во услови со пандемија од COVID-19.
Функционалноста на овој апарат е следна:
– Дезинфицира и површини и воздух, 360 степени наоколу;
– Работи на принцип на зрачење кратка UV-C бранова должина од 254 нанометри;
– Ги убива микроорганизмите кои доаѓаат во контакт со светлината, им ги уништува нуклеинските киселини и ја нарушува нивната ДНК, оставајќи ги без можност да ја вршат својата функција;
– Просторијата што се дезинфицира мора да биде празна, но тоа не е проблем бидејќи уредот се контролира од далечина и го заштитува тој што го ракува;
– УВ зраците допираат до места кои се недостапни и стопроцентно ги елиминираат вирусите и бактериите и на нерамни површини;
– За просторија од 40 квадратни метри се доволни околу триесетина минути, а веднаш по дезинфекцијата се чувствува силен мирис на озон.
Предноста на апаратот е што тој е мобилен и може да се движи од една просторија во друга. „УВ Гардот“ претставува одлична можност за дезинфекција на места каде што нема електрична инсталација, работи на струја и батерии, додаваат од ЈЗУ Општа болница – Охрид. (Крај)
извор: ЈЗУ Општа болница фото: ЈЗУ Општа болница