Скопје, 13. мај 2020 (ОХРИДПРЕС) – Туристичко-угостителската комора (ТУК) денес ја информираше јавноста за иницијативата на угостителите од сите градови во земјата за заживување на секторот и сите поврзани дејности и субјекти.
Од ТУК очекуваат сериозна поддршка за секторот во поставувањето на нови стандарди за работа со цел подолгорочно да се придонесе за подобрување и унапредување на состојбата во угостителството.
– Членовите на комората ја следат работата на Комисијата за заразни болести и ги почитуваат стручните препораки кои ги дава, а кои се насочени кон заштита на здравјето на сите граѓани. Преку институционална комуникација угостителите покажаа свесност и подготвеност да работат со полно работно време, а притоа ќе обезбедат највисоки безбедносни стандарди за секторот да работи сигурно, со соодветни мерки за заштита, како на вработените, така и на гостите, изјави потпретседателот на ТУК, Мартин Ангеловски.
Тој додаде дека во моментов се наоѓаме во фаза во која постепено се олабавуваат мерките и на луѓето им е неопходна интеракција и движење. Поради тоа од Комората се надеваат на што поскоро отворање на секторот од кој зависи добар дел од економијата и навикувањето на новиот начин на живот.
За таа цел Туристичко-угостителската комора превзема силна иницијатива за заживување на секторот и сите поврзани дејности и субјекти. Во тој правец ќе започне позитивна кампања која ќе придонесе за подобрување на економијата во наредниот период.
– Сведоци сме дека овие сектори се соочуваат со големи предизвици. За таа цел ја најавуваме оваа кампања пред да биде предоцна за реакција, односно пред да почнат да се носат одлуки за затворање на компаниите кои според анализите во овој сектор би се движеле од 15 до 35 проценти, изјави Ангеловски.
Кампања ќе се однесува на поддршка на националните производи, односно препораки за користење на домашни производи и услуги од угостителските компании. Поддршка на националниот туризам за хотелите и сместувачките капацитети, како и поддршка алтернативниот туризам. Поттикнување на социјална одговорност преку која ќе се врши континуирано донирање на оброци и бесплатно сместување на социјално најранливите категории. Исто така ќе се поддржат лицата кои се вработени во овие сектори, како и поддршка за угостителството со промоција на иновативни идеи, како „гифт карт“ за угостителство и слично.
Според најавите од Владата се очекува угостителските објекти да започнат со работа веќе од текот на следната недела, но од комората засега не знаат под кои услови тие ќе може да работат.
– Утре сме повикани да присуствуваме на комисијата за заразни болести и каде што очекуваме да ги разгледаме и најверојатно да се разговара и за утврдување и за работно време и за сите останати работи кои што ги засегаат угостителите. Меѓутоа утврдени протоколи се’ уште нема, а за нив е одговорна комисијата за заразни болести. Во моментов угостителските објекти превземаат подготовки во правец на дезинфекција, на чистење, на средување на објектите затоа што не работеа подолго време. Ние имаме пратено наши предлози како да работиме, а завршниот збор ќе го даде комисијата како одлука на која треба да се придржуваме, истакна Ангеловски.
Комплетната информација ОВДЕ. (Крај)
извор: ПлусИнфо фото: архива