Охрид, 13. мај 2020 (ОХРИДПРЕС) – Денес започна скринингот на вработените во градинките со цел изготвување на протоколот за работа за нивно ставање во функција. Од охридската градинка „Јасна Ристеска“ сé уште немаат официјално известување кога ќе биде спроведен скринингот.
Директорката Мери Рилкова во изјава за Супер радио и OhridPress истакна дека деновиве се врши генерално чистење и темелна дезинфекција на сите пет објекти на градинката.
– За Охрид нема официјални податоци и известување кога ќе се спроведе скринингот на вработените. Согласно владините уредби градинката не работеше, деца не се згрижуваа, но бевме отворени со ротациони дежурства, со цел да им излеземе во пресрет на родителите на кои им требаа потврди, ги издававме во централниот објект или по електронски пат. Деновиве се подготвуваме, со генерално чистење на сите објекти оваа недела се надевам ќе завршиме. Се врши темелно чистење на занимални, помошни простории, на кујна, на играчките, дидактичкиот материјал, комплетна дезинфекција за да бидеме подготвени. Сега ги чекаме протоколите од Комисијата за заразни болести и министерството за здравство. Ние сме подготвени во поглед на хигиена, набавени се средства за дезинфекција. Покрај внатрешноста, средени се и дворовите на градинките, вели Рилкова.
Во петте објекти на градинката во Охрид беа згрижени 900 деца, бројка која во зимскиот период се намали на околу 750. За прием на нови дечиња Рилкова вели дека родителите може да испраќаат барања по електронски пат.
– За упис на дечиња родителите може електронски да поднесат барање, а потоа според протоколите ќе се постапува. Неофицијално се највува дека децата би требало да бидат згрижени во групи од 10-15, па ние со оваа бројка тоа ќе ќе можеме да го реализираме. Затоа ги чекаме протоколите да знаеме како ќе се постапува. Со персонал во моментов сме доволно екипирани. Секогаш кога се работи со деца убаво е да има плус персонал, но за разлика од претходните години сепак е подобра ситуацијата, истакна Рилкова.
Во однос на санациони и реконструктивни зафати досега во „Централа“ и во „Развигорче“ направена е реконструкција на кровови, дограмата е сменета, во три објекти осветлувањето е енергетски ефикасно. Директорката Рилкова вели дека останува да се променат кровните конструкции уште во три објекти. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес