Скопје, 13. мај 2020 (ОХРИДПРЕС) – Како Влада немаме донесено одлука за денот кога ќе се отворат угостителските објекти и начинот како ќе бидат отворени, истакна на денешната прес конференција министерот за економија Крешник Бектеши.
Тој потенцираше дека неговиот став за отворањето на угостителските објекти е различен од предлозите на Комисијата за заразни болести, сепак ќе ја почитува нивната одлука поради тоа што таа е најповикана за тоа како треба да се штити јавното здравје.
– Како Влада немаме донесено одлука за денот кога ќе се отворат угостителските објекти и начинот како ќе бидат отворени. Имаме предлози од Комисијата за заразни болести кои во текот на оваа недела ќе се разгледаат и ќе се донесат соодветни одлуки. Јас и претходно кажав дека лично имам поразличен став од она што е предложено, но секако како Влада ќе ја поддржиме одлуката на Комисијата за заразни болести бидејќи тие се најповикани како треба да се штити здравјето на сите граѓани, рече министерот одговарајќи на новинарско прашање.
Тој додаде дека предлогот е во втората фаза од олабавувањето на рестриктивните мерки, кога треба да бидат отворени само терасите на угостителските објекти и тоа во десет метри квадратни да има само една маса со четири гости, но според проценките на Министерството за економија, тоа би било економски неисплатливо за дел од угостителските објекти. (Крај)
извор: ПлусИнфо фото: архива