Скопје, 14. мај 2020 (ОХРИДПРЕС) – Утре треба да се одржи состанок на Советот за безбедност. Ние ќе побараме продолжување на вонредната состојба од повеќе причини за да имаме механизми во однос на имплемантацијата на вакви препораки и во периодот кој што следи, рече на денешната прес конференција министерот за здравство Венко Филипче.
Вонредната состојба што ја прогласи претседателот Стево Пендаровски на 16-ти април истекува во сабота, а Филипче не прецизира дали ќе побараат продолжување од нови 30 денови или помалку.
– Потребно ни е да се продолжи вонредната состојба затоа што дел од мерките важат само за време на вонредна состојба. Многу е битно тие да важат и натаму. Многу е битно да имаме инструменти во рацете да работиме со овие механизми, во однос на рестрикција на движење, уредбите кои важат и така натаму. Потребни ни се инструменти со кои препораките на Комисијата за заразни болести ќе можат да се имплементираат преку Владата, рече Филипче.
Двете одлуки на претседателот Пендаровски за прогласување вонредна состојба не беа потврдени од Собранието, со оглед на тоа што е распуштено. Одлуките за вонредната состојба се најдоа и пред уставните судии, кои одлучија дека нема основа за поведување постапка за оценување на нивната уставноста и законитост. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива