октомври 23, 2014

Охриѓанецот Љупчо Домазетоски е сопственик на продавницата за домашни миленици „Сирена“, што се наоѓа во трговскиот центар „Амам“ во Охрид, единствената во градот од ваков вид. Тој веќе 19. години на љубителите на животни им нуди различни миленици, но и самиот тој е голем љубител на животните. Вели, тоа го наследил од родителите, а веќе го пренесол и на своите две деца.

Дозмазетоски од време навреме умее да изненади и со некој атрактивен вид животно. Во интервју за Супер радио и OhridPress додава дека некои животни ги носи за украс на дуќанот, а други заради побарувачката.

Супер радио: Долго време опстојувате во Охрид како единствена специјализирана продавница за животни и за специјални реквизити за нив. Како дојдовте до идејата да ја отворите?

Домазетоски: Продавницата ја имам веќе 19. години. Во декември годинава ќе одбележиме точно 19. години. Уште како дете чував животни дома, но тогаш немаше некој поголем избор, туку чувавме зајци, кучиња, мачки, пилиња. Папагалите се уште беа недостапни за нас. Можам слободно да кажам дека целиот мој живот се дружам со животните.

Супер радио: Како реагираа домашните кога ги носевте животните? Или пак, тие ви ја всадија љубовта кон животните?

Домазетоски: Како што рековте, љубовта ми ја всадија тие. Таа се пренесува од колено на колено. Ако не сакале тие животни, тогаш и јас немаше да ги сакам толку многу.

Супер радио: Да се опстојува безмалку две децении со оваа работа не е кус период. Тешко ли е да се работи со животни и да се води една ваква специјализирана продавница?

Домазетоски: Имало и лоши ситуации, падови и кризи, како и во се останато во животот, но ете, со оглед на тоа што опстојуваме толку долго, значи дека сме ги пребродувале.Но имало и среќни мигови. Основно е да се има љубов кон животните, но и тоа што го работите да биде по ваша желба.

petshopsirena2

Супер радио: Што може да се набави во специјализираната продавница „Сирена“ која еве, во моментов додека го реализираме интервјуто, гледам дека е доста посетувана. Додека сум јас овде, дојдоа луѓе кои купија бели глувчиња, храна за риби, но и јадица. Гледам и такви кои влегуваат само за да ги видат животните?

Домазетоски: Овде може да се купат животни односно домашни миленичиња и се што е потребно за нив. Со еден збор се она што е прифатливо и барано од страна на охриѓани. Од животните најчесто носиме зајци, папагали, морски прасиња, бели глувчиња, понекогаш и стаорци, но не оние од канализација, туку питоми. Имаме и разни видови птици и слично.

Имаме се за животнте. На пример, за кучињата. Нудиме храна, маски, играчки за нив зашто кога се мали гризат и ќе би наштетат на мебелот и обувките дома. За мачките имаме посебни играчки за ноктите и за забите, како и играчки што би се рекло за ден-губење зашто мачето мора да игра. Чуваме лежалки, ќебиња, табли за чешање нокти, разно-разни украси за акваруми, витамини за животните и уште многу други работи.

Супер радио: Раскажете ми какви беа почетоците? Кажавте веќе дека порано и не можеше да се набават многу видови домашни миленици?

Домазетоски: Почнав скромно во 1995. година, со аквариуми, со риби и папагали. Немаше избор ниту во рибите. Паметам имавме само три вида пумпи и тоа беше се, а сега, во моментов имам само 30. видови.

Супер радио: „Сирена“ од време на време знае да изненади и со некое невообичаено животно за нашето поднебје. Долго време се зборуваше за интересните игуани за кои охриѓани доаѓаа специјално само за да ги видат. Што сте донеле интересно досега?

Домазетоски: Токму така, сме носеле и некои невообичаени работи за ова поднебје, нешто успевало, а нешто не. Пробавме и со игуаните, но не одеше, граѓаните не се љубители на овие гуштери. Можеби сакаат да ги видат, но не сакаат да ги чуваат дома. Со змиите, доволни се оние што ги има во охридската чаршија чисто заради сликање, но од продажен аспект тешко оди.

Интересно беше што минатата година донесовме таканаречени месечеви краби. Ги зедовме заради украс на излогот од нашиот дуќан и не мислевме дека ќе има заинтересираност за нив. Но се продадоа сите пет.

Супер радио: Крабите што ги донесовте, и тие бараат посебни услови или…?

Домазетоски: Не бараат ништо посебно во однос на условите за чување во домашен амбиент. Да ви кажам, ние не носиме животни и миленици кои бараат специфични услови, туку миленици кои не бараат посебна нега. Еве на пример, овој бел зајак што го гледате во кафезот пред мојата продавница, не бара ништо посебно освен основната хигиена, промена на подлогата, на храната. Значи исто како и човекот.

Инаку носиме и некои егзотични птици, за да го испитаме пулсот на потрошувачите и за да донесеме нешто ново да го освежиме дуќанот. Гуштерите кои ги споменав претходно бараат посебен терариум со посебна температура но кај нас луѓето не се навикнати на толку специфични услови.

petshopsirena3

Супер радио: Дали некогаш сте имале некоја невообичаена побарувачка на животни?

Домазетоски: Да, еднаш ми побараа слон. Јас мислев дека тоа е шега, но човекот беше сериозен во намерата. Мислам дека кај нас не може да се увезе слон, а како прво, немам ниту идеја од каде да го донесам. За да се увезе слон најверојатно треба посебна дозвола, но и да се поседува зоолошка градина. Слонот не спаѓа во домашни миленици.

Супер радио: Најубави, се чини дека се аквариумите, зашто внатре се совршено опремени. За ова да се направи, сигурно треба и голема умешност, ама и време?

Домазетоски: За ова треба голема желба и секако да се има идеја  и визија, што се може да се изведе во нив. Се трудиме дури и понекогаш да ги направиме во некакви чудни облици.

Супер радио: За да се чуваат животните потребно е и големо знаење за нив, како се одгледуваат, што им е најпотребно и лсично. Се надоградувате?

Домазетоски: Јас би рекол, за да се чуваат животни, најпрвин е потребна огромна љубов кон нив, а потоа и знаење. Ако имате желба да чувате и одгледувате некое животно, барем во денешно време знаењето не е никаков проблем. Преку интеренетот многу лесно се стекнува основното знаење, а и повеќе од тоа. Остатокот си го прави искуството.

Супер радио: Дали оние кои купуваат миленичиња од кај вас, повторно се враќаат да побараат совети во врска со купеното животно. Има и такви кои првпат купуваат миленици за да ги чуваат, но и такви кои во одредени ситуации не знаат што му треба на животното иако и претходно го чувале?

Домазетоски: Бидејќи сме специјализирана продавница за домашни миленици, и советите се нашата обврска. Давањето совети, можам да кажам, ја држи најмногу продавницата во живот. Граѓаните ги интересира комплетно се за чувањето на животните. Има луѓе кои со години купуваат животни, а кога ќе им кажете нешто велат, „да, ова на вистина не го знаев“.

Супер радио: Вашите родители ви ја пренеле љубовта и желбата да чувате живни, но дали вие исто толкав жар им ја пренесувате на вашите деца?

Домазетоски: Тоа е така. Оди од колено на колено, од генерација на генерација. Продавницата постои 19. години, а поголемиот син има 16. години што значи дека порасна тука. Со нив сочувствува. Децата ги сакаат животните.

petshopsirena4

Супер радио: Како изгледа еден работен ден на Домазетоски? Знаете ли да останете по цел ден во продавницата ако некогаш се разболи некое од миленичињата?

Домазетоски. Се случувало и тоа.Сум седел со денови и ноќи. Не ми е сеедно кога со нив нешто не е во ред.

Инаку, со првото отворање на продавницата наутро, секојдневно се проверува дали е се во ред, на пример темепературата на аквириумите, дали имаат храна и вода, дали некое животно реагира како што не треба односно дали е болно. И ова не се прави само со отварањето на продавницата, туку и повеќепати во денот, а со тоа завршува и моето работно време.

Супер радио: Лесно е да се чува едно милениче, но толку многу животни на едно место и на сите да им се укаже соодветно внимание, претпоставувам, не е лесна работа?

Домазетоски: Ако се има љубов и желба за нешто, тогаш се е лесно. Тешко е ако ги немате љубовта и желбата. Тогаш не можете да чувате и да одгледувате животни, ќе ви биде непосносливо.

Има луѓе кои доаѓаат во продавницата и прашуваат дали не ме нервира што создаваат бука животните, посебно птиците, или како можам да го издржам мирисот на животните. Ова не е бурекџилница, туку специфичен мирис од продавница за животни. Се знае како мириса во бурекџилница, како во аптека, како во фризерски салон. Што и да направам, таа миризба не можам да ја тргнам, јас сум навикнат на тоа и тоа не е толку страшно. Ете, толку време сум со животните, и фала му на Бога, не ми се случило ништо, ниту мене, ниту на моето семејство. Кој и да влезе внатре, колку и да реагира на почетокот на мирисот на животните, за околу две минути се навикнува, освен ако не е крајно одбивен, но такви луѓе не ми доаѓаат често.

Супер радио: Има и такви кои не се љубители на животни и не сакаат да чуваат домашни миленичиња, а сепак ја посетуваат вашата продавница?

Домазетоски: Секогаш се трудам на луѓето да им ја објаснам убавата страна на животните, ама и лошата. Кога човек ќе дојде со намера да купи животно мораш да му ги кажеш двете страни, и добрите и лошите. Секогаш се трудам околу тоа. Во некој момент ако нешто се случи нешто на што не е запознаен а би требало да биде, ќе дојде до недоразбирања. Затоа се трудам се да објаснам. Дури се губи време и на луѓе кои не се заинтересирани за купување ама и ним им се објаснува зашто во даден момент може да се заинтересираат и да купат животни.

Супер радио: Во кој период од годината какви се најчестите нарачки што ги барате од љубителите на животните и домашните миленици?

Домазетоски: Од септември, кога ќе се расипе времето најмногу се трошат рибите. Од мај до септември тие не се многу барани, зашто најголемиот дел од граѓаните немаат време да ги одгледуваат, бидејќи се занимаваат со туризам или пак ги користат годишните одмори.

Супер радио: Дали може да се рече дека охриѓани се љубители на животните?

Домазетоски: Да, и тоа многу. Сакаат животни. Некој чува дури и многу повеќе од колку што треба.

Супер радио: А некој купува за да подари некому….

Домазетоски: Да и тоа го има. За 8-ми Март најмногу се купуваат кулите со златни рипки, што според мене е прекрасен подарок. За Нова година се купува, децата константно бараат животни.

Супер радио: Децата често гледаат што купуваат нивните врсници. Дали се случува еден ист вид животно постојано да се купува заради тоа што секое дете сака да го има она што го поседува и неговото другарче?

Домазетоски: Тоа е редовна практика. Во некоја зграда ако купи некое дете хрчак, сметајте дека ќе дојдат сите останати деца од таа зграда и ќе купат и тие. Или некое дете се пофалило на училиште дека купило желка, па доаѓаат да купуваат и други.

Супер радио: Може ли да се преживее од оваа работа?

Домазетоски: За нормален живот да. Со оглед на тоа што работам 19. години значи дека може да се преживее. Но за сметка на работата јас немам годишен одмор и не одмарам за празници. Ако е празник, животните мора да се нахранат и да се погледаат. И за новогодишните прослави, јас прославувам половина вечер со најблиските, ама остатокот од ноќта го поминувам во продавницата за да ги нахранам.

petshopsirena5

Другите за Домазетоски:

Исмаил Даут, поранешен сосед:

Со Љупчо се познавам поради тоа што на средината од 90-тите години на минатиот век, дуќаните ни беа еден до друг. Беа тоа убави времиња. Се дружевме и низ секојдневното работење, комунициравме. Не ја чувствуваме тежината на работата низ дружба.

Тони Ангелески, пријател:

Љупчо е голем љубител на италијанската и ретро-музиката, а исто така многу ги сака и животните, видео игрите. Тој е голем обожавател на „Комодоре“ и „Амига“ компјутерите. Инаку одличен пријател со кого комуницираме колку што ни дозволуваат нашите работни обврски.

Супер радио/А.Р.

Пет Шоп „Сирена на Фејсбук

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука