мај 18, 2020

Скопје, 18. мај 2020 (ОХРИДПРЕС) – Нема консензус меѓу политичките партии за датум за одржување на предвремени избори, откако денеска беше одржана втора лидерска средба кај претседателот на Република Македонија Стево Пендаровски.

Изборите првично беа закажани за 12-ти април, но беа одложени со владина уредба со законска сила поради пандемијата со коронавирусот и прогласувањето на вонредната состојба.

Лидерите најавија дека во следните денови се очекува партиите да имаат меѓусебни разговори. Тие рекоа дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ изборите да бидат одржани во август или почетокот на септември, додека СДСМ се за избори на крајот на јуни. Алијанса за Албанците и Алтернатива се против одржување на 21-ви јуни.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека предложил три термини како можни за одржување на изборите водејќи се од тоа дека тогаш здравјето на граѓаните најмалку ќе биде доведено во ризик и опасност.

– Предложивме изборите да се одржат на 23 август, 30 август или 13 септември. Со оглед на тоа дека денеска гледаме дека имаме 25 новозаболени и тројца починати сметаме дека не е можно одржување на брзи избори. Што ако некој од нас се заболи во изборната кампања, како ќе се одржуваат изборите? – рече Мицкоски.

Тој кажа дека не бил задоволен од извештајот на Комисијата за заразни болести во однос на протоколите за одржување на изборите бидејќи содржел информации кои сите граѓани веќе ги знаат.

– Извештајот ме разочара, знам дека треба да ги мијам рацете, да одржувам дистанца и дека треба да носам маска. Очекував дека ќе бидат поконкретни оти сето она што ни го приложија веќе го имаме чуено, рече Мицкоски.

Мицкоски кажа дека ако има избори во јуни тогаш Владата нема да може да го реализира третиот пакет економски мерки бидејќи во предизборието не смеат да се делат парични средства бидејќи тоа се смета за поткуп и кривично се одговара.

Image may contain: one or more people and table

Според лидерот на СДСМ Зоран Заев, однесувањето на Мицкоски е незрело и неодговорно и е на штета на граѓаните, како што го гледаме тоа во текот на изминатите 3,5 години.

– Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ сакаат да се одолговлекува кризата. Ние тоа нема да го дозволиме, истакна Заев.

Тој напомена дека стои цврсто на ставот дека изборите треба да се одржат на 21-ви јуни.

– Изборите треба да се организираат што поскоро бидејќи ќе следува период на нов пробив на епидемијата. Консензусот денеска не бил постигнат поради несогласување на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој е исплашен од изборите, додаде Заев.

Запрашан дали би одел на избори без најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, Заев рече дека во моментов не може да даде конкретен одговор.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети изјави дека изборите се битни, но прво треба да се има консензус за датумот и пред се да се имаат предвид мерките од здравствените институции.

– Многу е битно во вонредна ситуација сите да сме одговорни и да сме согласни за постигнувањето на нашите цели. Ние сме многу свесни дека земјата е без Собрание, дека е со техничка Влада, но оваа ситуација е предизвикана од пандемијата и опасен вирус, рече Ахмети.

На средбата присуствуваат лидерите на СДСМ Зоран Заев, на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на ДУИ Али Ахмети, на на Алијанса за Албанците, Зиадин Села, на Алтернатива, Африм Гаши, на Движење Беса, Билал Касами и Азем Садику, како претставник на ДПА. (Крај)

извор: ОхридПрес/slobodnaevropa.mk фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука