мај 18, 2020

Охрид, 18. мај 2020 (ОХРИДПРЕС) – Од неодамна сончарките живеат и во водите на Охридското Езеро, информираат од Нуркачкиот центар „Амфора“ од Охрид.

– После подолга обсервација на овој интересен вид риба кој природно не припаѓа во ендемичниот екосистем на Охридското Езеро забележавме многу интересни моменти особено во нејзиното однесување за време на мрестење. Тие главно се хранат со инсекти и ларви, а широко распространетите перки во текот на нејзиното движење претставуваат одбранбена функција. Како што може да се забележи и на видео инсертот, најгресивното и најчесто однесување е „фронтална закана“ карактеризирана со брзо нафрлување, удирање и бркање на рибите кои се во непосредна близина, а во крајни случаи проследено со благо каснување, со цел да ги заштитат границите на својата територија. Доколку сончарката се чувствува инфериорна во обидот да ја одбрани територијата најчесто бојата и потемнува од страните, информира Јован Секулоски, претседател на Центарот „Амфора“.

Тој додава дека сезоната на мрестење е обележана со присуство на мажјаци на плитки, кружни гнезда кои истите ги бранат од другите сончарки од причина што најчесто ги градат овие гнезда во групи, а и мрестилиштата им се во непосредна близина.

– По завршување, групата сончарки ја напушта локацијата на мрестот. Најчесто ги има во плитки води на длабочина од 3-5 метри, но забележавме и повеќе јата на длабочина од 10-15 метри во присуство на други риби. Целокупното однесување може да се забележи во текот на неколку наврати на видео инсертот, информира Секулоски. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: НЦ „Амфора“

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука