Охрид, 19. мај 2020 (ОХРИДПРЕС) – Според календарот на МПЦ-ОА (Јулијанскиот календар) денеска е 6-ти мај, денот кој православните верници го слават во чест на Св. праведен Јов.
Свети Јов живееше околу 2000 години пред Христа, во Арабија. Во Би-блијата постои една цела книга, Книга на Јов, која зборува за животот на овој чудесен пример на трпение и тврда вера во Бога меѓу луѓето. Неговите страдања се сметаат за праслика на Христовите страдања. Јов бил чесен и побожен човек, освен тоа и многу богат. Но, се случило така што во својата старост тој во еден ден го загубил целото свое семејство и сиот свој имот. И не само тоа, туку го нападнала и тешка болест.
Наоѓајќи се среде сите тие страдања Јов сепак ни во еден миг не похули на Бога. Затоа Бог му го врати здравјето и му даде поголемо богатство од претходното, а му се родија и други синови и ќерки. Свети Јов проживеа долг живот, постојано славејќи го и благодарејќи му на Бога за се и се упокои во длабока старост. (Крај)
извор: МПЦ-ОА/МИА фото: архива