мај 21, 2020

Охрид, 21. мај 2020 (ОХРИДПРЕС) – Здружението на професори по италијански јазик деновиве покрена иницијатива за негова промоција во нашата држава со цел идните шестоодделенци да можат да го одберат италијанскиот како изборен втор странски јазик.

Италијанскиот е еден од понудените странски јазици кои шестоодделенците можат да го изберат во рамките на нивното основно, а потоа и во средно образование, но не секаде беше имплементиран. Досега, веќе неколку години, италијанскиот се изучува како трет странски јазик во повеќе гимназии низ Македонија, но во моментов веќе е задолжителен изборен втор странски јазик во основни училишта во Битола, Струмица, Куманово, Свети Николе, Гостивар, Маврово, Струга, Центар Жупа и Делчево.

– Деновиве се актуелни анкетите за избор на задолжителен втор странски јазик кои основните училишта ги доставуваат до родителите на идните шестоодделенци од нашата земја. Во рамките на кампањата, професорите по италијански јазик го потенцираат фактот дека наставните програми за италијански јазик во основно образование се целосно ориентирани кон комуникација и во центарот на наставата се става практичната страна од изучувањето на италијанскиот јазик во комуникативни ситуации од секојдневието на децата. Зошто да се избере италијански јазик? Бидејќи тоа е јазикот на италијанската култура, на италијанската мода, на италијанската калчо лига, на вистинската италијанска пица и паста, на италијанската музика. Дали некогаш сте се запрашале кои италијански зборови ги употребуваме ние во македонскиот јазик? Сигурно не ве изненадува фактот дека зборовите чао, браво, паста, манџа, волја… потекнуваат потекнуваат токму од италијанскиот јазик, што значи дека секој од нас во себе негува љубов кон Италија, велат од Здружението на професори по италијански јазик.

https://www.youtube.com/watch?v=gZDFLPPfNFc&feature=youtu.be&fbclid=IwAR14UjTggophSoQboaiIkrZBD8l41VsL-d_3HN18yrQ5Gej10BwUuLUkco4

Кон иницијативата за промоција на италијанскиот јазик се приклучија и професори од Охрид истакнувајќи дека во туристички град како нашиот посебно е потребно да се знаат што повеќе јазици. Тие бараат да се даде право на децата да имаат избор во однос на вториот странски јазик, а не како досега, во најголем број случаи да им биде понуден германскиот јазик. Бараат родителите да имаат увид во тоа, односно италијанскиот јазик да биде ставен во анкетните листови кои овој период треба да ги пополнат, за што здружението веќе испратило дописи до сите основни и средни училишта низ Република Македонија.

Освен професорите, деца вљубеници во италијанскиот јазик, меѓу кои и од Охрид, се дел и од промотивно видео преку кое се залагаат за застапеност на италијанскиот јазик во секое училиште и во секој град. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука